Коски од кокошки ги кренаа на нозе полицијата и новинарите
Минувач пријавил во МВР дека видел две мртви новороденчиња во Мирковци
Драма со среќен крај се случуваше вчера во близина на манастирот „Свети Аранѓел“ кај селото Мирковци, на падините на Скопска Црна Гора. Пријава во полицијата за пронајдени две тела во распаѓање на новороденчиња, ги стави во подготвеност службите во МВР, увидните екипи во судството и во обвинителството, како и бројните новинарски екипи. По неколку часа е констатирано дека станува збор за коски од кокошки!
Драмата започна околу 10 часот кога во полициското одделение во Мирковци било пријавено дека во близина на манастирот се пронајдени две мртви новороденчиња. Неколку минути подоцна за веста дознаа и медиумите, кои веднаш испратија свои екипи. Тројца полицајци веќе беа таму. На новинарите и на снимателите не им дозволуваа да се симнат под дрвото, каде што биле пронајдени „бебињата“. Се чекаше увидна екипа. По речиси еден час пристигнаа и инспекторите на МВР, истражен судија, заменик ОЈО и судски вештаци. На новинарите и натаму не им беше дозволен пристап. Увидот траеше повеќе од два часа. За тоа време почнаа да се шират шпекулации дека веќе биле приведени мајката и таткото на бебињата, кои наводно ги убиле своите чеда. Неколку момчиња од селото на мобилен телефон покажуваа матни снимки, на кои не се гледаше речиси ништо. Сите беа убедени дека гледаат тела на бебиња во распаѓање.
„Веќе една седмица тука многу смрдеше. Бебињата ги снимавме вчера“, раскажуваа дечињата. Повозрасните жители од селото се чудеа кои родители можат да бидат толку бескрупулозни да ги убијат своите новородени деца.
„Од селото сигурно не се. Ќе знаевме која жена е бремена“, уверуваа селаните. Околу 14 часот новинарите почнаа да се враќаат на своите работни места. Увидот се' уште траеше. „Станува збор за коски од кокошки“, беше шокантниот заклучок од увидот што ни го соопшти МВР. (Г.А.) |