Притвор за четворица од ПИОМ поради лажни пензии
Љубиша Станковиќ
Четворица од десетмина осомничени за нелегално обезбедување на пензиски стаж и право на пензија, со одлука на истражен судија завршија во затворот „Скопје“, а за останатите шестмина судот изрече превентивни мерки. Од вчера, односно од три часот наутро, кога завршуваше распитот на осомничените, на издржување притвор се испратени осомничените Васа Перовска (60), Маргаритка Голчевска (60), Елена Кадриќ (47) и Вера Славковска (51). Додека Кирко Петрушевски (66), Беќир Меџити (57), Славе Јордановски (58), Васка Милковска (51) и Елена Контевска (26) се обврзуваат редовно да му се јавуваат на одредено службено лице или пред државен орган и времено им се одземаат патните исправи. Поради одредени здравствени проблеми, за осомничената Павлина Ќоропановска (55) судот дополнително ќе врши распит.
Во судското решение, напишано на повеќе од 30 страници, десетмина осомничени, во 38 точки, се товарат за сторена злоупотреба на службената положба и овластување, односно дека го оштетиле Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за близу 215.000 евра.
Осомничената Васа Перовска, вработена како референтка за прибирање, утврдување и обработка на пријави со податоци за плати и пензиски стаж, и Маргаритка Голчевска, референтка за пријави и одјави за осигуреници и обврзници за уплата на придонесот, повеќе пати, во текот на 2005 и на 2006 година, постапиле спротивно на одлуката за опис на работни места на Фондот за ПИОМ и наместо да ја утврдат точноста на податоците, да ги обработат прибраните пријави и да подготват снимање и архивирање тие, со лозинки, се вклучувале во датотеката за пензиски стаж. Тука го внесувале спорниот, односно фалсификуваниот стаж, кој недостасувал за лицата-баратели на старосна пензија и со тоа Перовска овозможила пензија за 20, а Голчевска за уште 17 лица.
Иако биле вработени како контролори на решенија подготв��ни во прв степен во Подрачната единица на Фондот за ПИОМ-Скопје, сепак, и осомничените Кирко Петрушевски, Беќир Меџити, Славе Јордановски и Васка Милковска овозможиле лажни пензии за уште 33 лица.
Јавното обвинителство ја товари Елена Кардиќ дека ги поттикнала Славковска, Ќоропановска и Контевска да сторат злоупотреба со ставање на средства за располагање. Биле делени совети како да се постапува, а во работничка книшка биле внесувани невистинити податоци за конкретно име на корисник. Сето ова се работело во изнајмена канцеларија, односно во стан на улица „Цицо Поповиќ“ во Скопје. Всушност, во канцеларијата се изготвувале документи за лажно прикажување на изминат работен стаж, барање за остварување право од пензиско и инвалидско осигурување, внесување податоци во работнички книшки и нивно заверување, изработка на нови работнички книшки, како и ангажирање на лица вработени во ПИОМ заради ажурирање на лажниот стаж во компјутерскиот систем на ПИОМ. |