Почина ранетиот полицаец во Штип
ГОСТИВАР - Полицаецот Тихомир Симоновски, кој беше ранет при вежба на штипскиот полигон на 19 мај годинава, почина завчера. Припадникот на Единицата за брзо распоредување на МВР, 29-годишниот Симоновски беше повреден на боево гаѓање на воениот полигон „Пенуш“, во близината на Штип. Неговите посмртни останки вчера беа погребани на гробиштата во Гостивар.
Според официјалните информации од полицијата, несреќата се случила при редовни вежбовни активности и боево гаѓање. Претпоставки се дека во моментот кога полицајците пукале од транспортното возило во кое се наоѓале, дошло до негово отскокнување. Одбиените куршуми погодиле двајца специјалците. Едниот се здобил со гребнатина на рамото, а другиот добил прострелна рана во ногата.
Иако измина повеќе од еден месец од несреќниот случај, сепак, јавноста не доби дополнителни информации од истрагата што ја спроведе Секторот за внатрешна контрола. По смртта на еден од полицајците, во Основниот суд во Штип изјавуваат дека судската истрага за овој несреќен случај се' уште не е затворена. Тихомир Симоновски беше сопруг и татко на едно малолетно дете. (К.К.) |