Строго ќе се контролира движењето на посетителите на Матка
Трагедијата на Матка во која животот го загуби 19-годишната алпинистка од Битола, ги мобилизираше надлежните институции, кои вчера се состанаа обидувајќи се да најдат решение за да се избегнат вакви несреќи во иднина.
По критиките дека опасниот терен кај кањонот Матка не е доволно заштитен и оти е неопходно да има постојан спасувачки тим на самото место, надлежните институции вчера одржале средба во Центарот за управување со кризи. На средбата било предложено изготвување на закон за движење во природа, со што ќе мора да се пријавува секој престој во планините, а ќе мора да се известуваат и планинските служби. „Исто така, треба да се воспостави контрола на движење, регистрација на посетителите, размена на информации, регистрација на појавите во регионот, превенција и еколошка заштита. Потребно е да се воспостават три типа единици - постојани пунктови (во планинарските домови), пунктови истурени по потреба и мобилни пунтови (во резерва и по потреба)“, информираат од Центарот за управување со кризи.
На средбата било побарано и да се воспостават стандардни оперативни процедури за сите изведувачи на тренинзи и обуки, итно обучување и вмрежување на сите тимови во земјата и нивно територијално поставување за дежурство. (Д.Т.) |