Феникс го возвраќа ударот, Лејкерси без решение за Стадемаер

Феникс го победи Л.А. Лејкерс со 118:109 и го намалија резултатот на 2:1 во западното финале на плеј-офот во НБА
Најзаслужен за победата на домашниот тим беше Амар Стадемаер со 42 поени, од кои 29 во второто полувреме, а имаше и 11 скока. Тој од игра шутираше 14 од 22 обида, а беше прецизен и од линијата за слободни фрлања погодувајќи 14 шута од 18 обида.
Во победата на Феникс се истакна и Робин Лопес со 20 коша, со само две промашувања од игра, како и Џејсон Ричардсон со 19 поени и Стив Неш со 17 коша и 15 асистенции. Најдобар во тимот на Лејкерси беше Коби Брајант со 36 коша, девет фатени топки и 11 асистенции, Гасол додаде 23, а Дерек Фишер мечот го заврши со 18 коша.
На почетокот на натпреварот ниту една екипа не успеваше да стекне почувствителна предност. Лејкерси во втората четвртина поведоа со 45:39, а по тоа домашните го поправија шутот за три поени и со серија од 15:2 направија пресврт за 54:47 и во продолжението ја одржуваа таа предност.
Лејкерси во последната четвртина се доближија на само еден поен, 93:92, но домашните преку Стодемајер и Ричардсон успеаја да се одлепат на 98:92. Натпреварот го „скрши“ Стив Неш, кој на 2,42 минути пред крајот погоди тројка за водство од 106:96.
Во финалето на плеј-офот на Источната конференција Бостон води против Орландо со 3:0. |