Републиканците го освоија Конгресот
На претседателот Барак Обама ќе му биде тешко да донесува закони
ВАШИНГТОН - Американските републиканци го освоија Претставничкиот дом на изборите сред мандат, задавајќи тежок удар на способноста на претседателот Барак Обама да донесува закони. Во услови на економски неповолности, тие зазедоа најмалку 57 места од демократите.
Сепак, демократите на Обама со тесен број гласови ја задржаа контролата во Сенатот, и покрај тоа што загубија шест места за кои беа заслужни кандидатите поддржани од движењето Ти парти.
Претседателот му телефонираше на Џон Бонер, кој, веројатно, ќе биде нов спикер на Претставничкиот дом за да ја изрази неговата надеж дека „ќе најдат „заеднички интерес“. Во изјавата по неговиот реизбор, Бонер вети дека ќе ги скуси трошоците и ќе ја намали големината на владата. Тој рече дека гласачите му испратиле порака на Обама да го „смени курсот“.
Дополнувајќи ја загубата на таборот на Обама, еден републиканец го зазеде старото место на претседателот во Сенатот во Илиноис.
Но, во една од најдраматичните изборни трки во Невада, лидерот на демократите во Сенатот, Хари Рид го порази противкандидатот од Ти парти, Шерон Англ. Американскиот сенатор Џон Кери реагираше со восхит: „Хари Рид не е само Дракула, не е само Лазарус, тој е нашиот лидер и целата наша кауза е возбудена дека тој е нескршлив и непобедлив“.
Иако некои од најексцентричните кандидати на Ти парти ја загубија трката, конзервативното крило на Републиканската партија сега е сила во земјата, јавува дописникот на Би-Би-Си од Северна Америка.
Тоа е тежок неуспех за претседател што беше избран со толку многу надеж и толку многу радост. Тоа е мошне тешко за претседателот, јавува дописникот. Иако ќе се зборува за компромиси и постигнати договори, многу приврзаници на Ти парти експлицитно имаат цел да ја блокираат и да ја укинат агендата на Обама.
На изборите се избираа сите 435 места во Претставничкиот дом (Долниот дом на Конгресот), 37 од сто места во Сенатот, гувернерски позиции во 37 од 50 држави и сите, освен четири државни законодавства. Додека гласовите се' уште се пребројуваат, предвидувањата укажуваат дека републиканците добиле нето 57 места во Претставничкиот дом, што е повеќе од бурните избори сред мандат во 1994 година. Резултатите за Сенатот од државите Вашингтон, Алјаска и Колорадо се' уште не се добиени, како и од трката за гувернер на Флорида.
Меѓу различните локални референдуми, обидот да се легализира марихуаната во Калифорнија беше отфрлен, додека Оклахома ја поддржа мерката со која на судиите им се забранува да го користат исламскиот закон во донесувањето пресуди. Покрај Илиноис, републиканците ги зазедоа местата во Сенатот од демократите во Пенсилванија, Винсконсин, Арканзас, Северна Дакота и Индијана. (Би-Би-Си) |