Број 3423  четврток, 04 ноември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон
Вести








Site Meter
Свет

Коцкање со грчката иднина

Грчките граѓани не знаат каква судбина ќе донесат локалните избори, но не се подготвени за нови предвремени парламентарни избори

Атина - Неизвесност владее во Грција пред локалните избори на 7 и на 14 ноември. Иднината на државата е ставена на коцка од моментот кога грчкиот премиер Јоргос Папандреу најави дека исходот од изборите, веројатно, директно ќе влијае на тоа дали ќе се распишат предвремени парламентарни избори во државата.

Најавата за предвремени избори ги затече сите во овој период бидејќи доколку евентуално дојде до промена на владата на Папандреу, тоа би значело напуштање на реформите што ги спроведува Папандреу повеќе од шест месеци, но и големо ризикување на кредитите од ЕУ и од ММФ за финансиска помош на државата. Самиот Папандреу реши да ја употреби дали како искрено предупредување или како закана се' уште лабилната состојба во која се наоѓа државата за да побара од граѓаните да изгласаат доверба за кандидатите на ПАСОК за локалните и регионални избори во државата.

Незадоволството на граѓаните е значително зголемено по најавата на премиерот за предвремени избори. Коментираат дека сосема е логично Папандреу да стравува од пораз на изборите, бидејќи малкумина граѓани што беа отпуштени или им беше скратена платата и продолжен работниот рок, намалени пензиите ќе се одлучи да го поддржи. „Гневот на граѓаните е голем. Семејства останаа само со една плата, во голем дел од случаите и таа е скратена, а трошоците за живеење се исти, дури и зголемени. Кој би му дал поддршка на Папандреу по сево ова?“, коментира 33-годишниот Димитрис, вработен во банка во Солун. На прашањето дали тоа значи дека народот ќе бара спас во Нова демократија, која само пред една година масовно вложи напор и ја симна од власт, тој одговара негативно. „Не гледам кој би можел да направи нешто различно од тоа што се случува сега во државата. Нема простор за револуционерни промени кога се фативме на орото за реформи, мора да продолжиме во иста насока. Секоја следна влада ќе мора да го прави истото“, коментира Димитрис, не криејќи дека ќе гласа за кандидатот на ПАСОК во Солун.

„Папандреу се одлучи на чекор што можеби и не мораше да го направи и сега сме директно зависни од ММФ и од ЕУ. Колку и да не ја поддржувам неговата политика, колку и да ме лути тоа што огромен број мои пријатели изгубија работа или имаат намалена плата или, пак, фактот што сестра ми која е штотуку омажена не може да земе кредит од банка за да купи стан затоа што банките се' помалку се отворени за помош на граѓаните, сепак, сметам дека би било катастрофално да одиме на предвремени избори. Тоа ќе не' прикаже пред светот како несериозни и неистрајни, сегашниот план за штедење ќе падне во вода и ќе мора да се работи на нови планови и на нови мерки и нормално оние што ни помагаат финансиски - ќе си заминат“, забележува 30-годишниот Александрос, вработен во маркетинг-агенција во Атина.

Граѓаните не се сигурни дали да ја протолкуваат најавата на Папандреу како сериозна закана, иако аналитичарите коментираат дека она што го употреби Папандреу како начин да придобие што поголем дел од гласачите е реална закана за Грција. Доколку дојде до избори, ќе се блокира целиот државен сектор до завршување на изборите, голем број средства повторно ќе се потрошат во рекламните кампањи, а целата држава ќе се дестабилизира внатрешно, но и во очите на оние што сега финансиски ја поддржуваат.

Човек може слободно да се запраша дали некој воопшто гледа сериозна политичка опција во државата. Ентузијазам за партиите се чини дека покажуваат само оние што се распределени на плоштадите или пред метро-станиците на Атина и неуморно ги убедуваат граѓаните и делат промотивни летоци за програмите на кандидатите за советници, градоначалници и префекти за изборите. „Нема зошто да слушам некоја од партиите. Секоја си користи различна ситуација за да добие гласови. Еве сега се фатија за предвремени избори и заборавија дека има народ што гладува“, вели еден таксист во Солун. Откако му кажувам од каде сум, коментира дека прашањето за името е една од главните теми за која жестоко се надвикуваат кандидатите во северна Грција за да придобијат гласачи на изборите. „Ете гледате, еден ќе се фати за предвремени избори, друг ќе го спомне прашањето за името. Каков проблем меѓу двете држави, тоа е само дел од нечија политичка агенда и програма. Секој викенд гледаме дека Солун е полн со автомобили од Скопје, луѓето доаѓаат, уживаат во градот, никој не им пречи и не им наштетува. Ама ете, две- три партии може да го искористат за изборите и сега со недели мора да слушаме за проблемот со името. Инаку, во секојдневниот живот никој не се интересира за тој проблем освен ултранационалистите, кои си бркаат начин како да дојдат на власт“, додава тој.

Голем број од граѓаните како и овој таксист размислуваат да не гласаат на изборите. Во Атина веќе на големо се делат флаери и осамнуваат постери што повикуваат на бојкот на изборите и сегашните политички опции. ��е појавуваат голем број граѓански акции во врска со изборите. Една од нив е акцијата на група атињани што досега активно работат на расчистување на запоставени делови во Атина и подигање на еколошката свест на граѓаните, кои планираат една вечер пред изборите да се соберат на еден од мрачните плоштади во Атина и да запалат свеќи со цел да осветлат дел од градот кој политичарите дури и во своите предизборни партии го забораваат, оставајќи го на тој начин како слободен простор за илегални мрачни активности, со што, според оваа група граѓани, им ја одземаат можноста на многу атињани слободно да се дружат и да се движат низ овие делови на градот.

Пред изборите не изостануваат ни шпекулациите дека поради пораз или слаб исход од изборите, Папандреу ќе биде принуден да коалицира со некоја партија. Се слуша името на Дора Бакојани, која на 21 ноември ќе ја претстави својата нова партија, иако на голем дел од граѓаните не им е јасно дали е можно таа да добие толку голема сила за да придобие голем дел од сегашни поддржувачи на Нова демократија. (М.П.)


#
Статијата е прочитана 1065 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Свет
Џорџ Буш утна во Ирак
САД ќе дадат половина милијарда за амбасада во Кабул
Бомбардиран имиџот на Грција
Републиканците го освоија Конгресот
Косово оди на предвремени избори
Саркози ги шпионира новинарите
За убијците на Пуканиќ 150 години затвор
Умре Виктор Черномирдин






Bulgaria and Russia expected to sign gas pipe agreement
One third of cigarettes in Bulgaria are 'illegal'
Falling credit rating reveals Croatia's economic crisis