Бостон пресилен за Џејмс, Вејд и за Бош
Селтикси славеа против страшниот Мајами со 88:80 во стартот на 65. издание на НБА-лигата
Стартот на 65. издание на најсилната кошаркарска лига во светот - НБА, го одбележа дербито на вечерта, воедно и на Источната конференција меѓу домашниот Бостон и Мајами, кој засилен со Леброн Џејмс и Крис Бош, како и староседелецот Двејн Вејн, треба да биде хит на првенството. Но, и исклучително засилениот Мајами не можеше да го издржи притисокот на домашните кошаркари што ги предводеше Пол Пирс со 19 коша, од кои 11 постигнати во последната четвртина.
Еден поен повеќе постигна Реј Ален, а голем удел во победата имаше и Режон Рондо со дури 17 асистенции. Во поразениот Мајами отскокнуваше ѕвездата на летниот преоден рок Леброн Џејмс со 31 поен. Двоцифрен скор имаше и Двејн Вејд со 13 коша, додека Крис Бош постигна само осум за 37 минути минати на паркетот со шут од игра 3/11.
Со победа во новото првенство стартуваше и актуелниот шампион Лос Анџелес Лејкерс што го совлада Хјустон со 112:100. Победата на „езерџиите“ им ја донесе Стив Блејк со тројка на 19 секунди пред кракот на мечот. Претходно Лејкерси имаа големи проблеми против Хјустон, кој во еден момент имаше предност и од 15 поени. Хјустон дури имаше и две можности за продолжение во последните три секунди, но Луис Скола и Арон Брукс промашуваа шутеви за израмнување.
До тој момент Скола и Брус беа нерешлива енигма за одбраната на Лејкерси затоа што првиот, покрај 18 коша имаше и 16 скока, додека Брукс мечот го заврши со 24 коша и девет асистенции.
Во победничкиот тим, вообичаено, се издвоија Коби Брајант и Пау Гасол. Шпанскиот репрезентативец со 29 коша беше најефикасен актер на дуелот, додека Брајант постигна 27.
На крајот, третата победа во третиот меч од стартот на НБА-лигата како домаќин ја оствари Портланд против Феникс славејќи со 106:92. Домашните ги предводеше Брендон Рој со 24 поени, а поефикасен од него беше само плејот на Феникс Стив Неш со 26 коша, но Канаѓанецот имаше дури девет загубени топки, што не е карактеристично за него.
Резултати:
Бостон - Мајами 88:80, ЛА Лејкерси - Хјустон 112:100, Портланд - Феникс 106:92. |