За Владимир Стојковиќ затворена вратата на Србија
Маичката на голманот на која пишуваше „простете ми го грдото минато“ е клучна за одлуката на српскиот селектор Владимир Петровиќ
Селекторот на српската фудбалска репрезентација, Владимир Петровиќ - Пижон, кој поради своите играчки заслуги беше прогласен за „Звездина ѕвезда“, го избриша името на голманот Владимир Стојковиќ од списокот на репрезентативците поради потегот на најконтроверзниот српски спортист во моментов.
Како што е познато, голманот на Партизан кој израсна во редовите на Црвена звезда, минатиот викенд по завршувањето на „вечното дерби“ на стадионот на Звезда, дотрча до навивачите на Партизан на јужната трибина, покажувајќи им ја маичката на која пишуваше „Простете ми го грдото минато“. Со тоа Владимир Стојковиќ јасно покажа што мисли за клубот во кој ја почна својата кариера и чии навивачи сега го мразат од дното на душата.
Се разбира, дека потегот на Стојковиќ беше реакција на невиденото насилство на навивачите на Звезда во Џенова пред неодиграниот квалификациски меч за ЕП меѓу Италија и Србија (две недели пред дербито), кога група од триесетина навивачи на Звезда го направија тоа што им беше цел на патувањето во Италија - го пресретнаа автобусот во кој беа репрезентативците на Србија и го нападнаа со факели, со цел да го извлечат Стојковиќ и да го линчуваат.
Тогаш еден факел заврши на главата на Стојковиќ, а од потешки последици го спасија некогашните звездаши Станковиќ и Жигиќ. После тоа Стојковиќ одби да застане на голот на Србија на мечот против Италија, кој благодарение на „навивачите“ траеше само неколку минути.
Меѓутоа, селекторот Петровиќ немаше разбирање за подоцнежното испукување на фрустрациите на Стојковиќ. „Потегот на Стојковиќ не беше на место, затоа што само што се спушти тензијата во нашиот фудбал. Не е добро да имаме само една опција на голот, така што сакам да тестирам и некои други голмани“, изјави Петровиќ и додаде објаснување во кое никој не верува. “Исклучувањето на Стојковиќ од наредните акции на репрезентативниот тим нема никаква врска со неспортското однесување на дербито“.
Претседателот на Партизан пак, Драган Ѓуриќ е изненаден од одлуката на селекторот Владимир Петровиќ. „Ако е причина спорната маица, тогаш овој потег не можам да го разберам! Тоа изгледа како казнување на момче кое не направило ништо лошо. Никого не провоцираше, ниту навредуваше. Не го разбирам потегот, тој прв треба да му пружи поддршка на тоа момче. Вака испаѓа дека хулиганите од Џенова ја исполнија својата цел“.
Бојан Јоргачевиќ, голман на белгискиот Гент беше пик за голот на Белгија, но пред СП изјави дека попрво би бил економ на Србија отколку голман на Белгија, и сега му се нуди можност да застане на голот на Србија на пријателскиот меч против Бугарија на 17 декември, но и тука се случи пресврт. „Наскоро добивам белгиски пасош и мило ми е што ќе конкурирам за прв голман на таа репрезентација, токму како и на српската. Кој ќе ме повика, негов сум“. |