Странците во Динамо (З) ќе мора да учат хрватски
Хрватскиот шампион Динамо Загреб ќе воведе задолжителни лекции по хрватски јазик за растечката колонија од странски фудбалери, соопшти клубот. Динамо има 12 интернационалци во составот - од Португалија, Бразил, Аргентина, Камерун, Чиле, Словачка, Чешка и од Црна Гора.
„Ние сме сега клуб со значителен број странски играчи и, следејќи го примерот на поголемите европски клубови, решивме да воведеме задолжително изучување на хрватскиот јазик при склучувањето на секој договор со засилување од странство во иднина“, изјави клупската портпаролка Морана Ѓурчевиќ.
Клубот не соопшти колку долго ќе мора да се посетуваат часовите и дали ќе има некакви казни за играчите што нема да ја исполнат таа обврска.
Динамо води во хрватското првенство со 29 бода од 12 натпревари, четири повеќе од второпласираниот Хајдук од Сплит. |