Фетел не губи надеж за титулата
Возачот на Ред бул, кој водеше во Кореја пред дефектот на моторот во финишот, не се откажува
И покрај тоа што има 25 поени помалку од водечкиот во шампионатот, Себастијан Фетел одбива да крене раце од годинашната титула во Формула 1. На само две трки до крајот многумина веруваат дека е време за Ред бул целосно да застане зад Марк Вебер во битката за титулата, со оглед на тоа што тој има само 11 поени помалку од лидерот Фернандо Алонсо. Фетел, чиј настап во трката за Големата награда на Јужна Кореја имаше срцепарателен крај, бидејќи неговиот мотор експлодира на десет круга до крајот додека тој беше во водство, Фетел инсистира дека се' уште може да си замине со сребрениот трофеј годинава.
„Се' уште има шанси за освојување на титулата“, изјави тој за официјалната интернет-страница на Формула 1.
За тоа како ќе се постави во претпоследната трка сезонава на Интерлагос, Германецот вели: „Не поразлично од минатиот викенд, бидејќи сигурен сум дека нема причини да се менува нешто, со оглед на тоа дека, ако ја завршев трката, од Кореја ќе си заминев со 25 бода. Трката за титулата се' уште не е готова, па да почекаме што ќе донесе коцкестото знаме во Абу Даби“.
Иако крајно разочаран од своето откажување во Јеонгам, 23-годишниот Германец се обидува да гледа на тоа од светлата страна.
„Па, во дел од секундата се понадевав дека проблемот ќе исчезне“, вели тој. „Но, исто така, има нешто што ви кажува дека кога ќе се појави бел чад од четири цилиндри на трепет од окото пред вас, не можете да сторите ништо. Не е лесно во такви тешки услови да бидете во водство, бидејќи кога следите некого можете да видите дали запира или дали се доведува во опасност да се изврти. Но, таков е животот“.
Во меѓувреме, тимскиот шеф на Ред бул, Кристијан Хорнер, се надева дека дефектот на моторот на Фетел нема да се одрази премногу на двете последни трки за годинава.
„Се надевам дека тоа нема да има никакво влијание врз него“, изјави Хорнер. |