Интервју
Уживам кога сум дел од музиката
Емин Џијан
„Сите работи што ми се случиле досега на музички план биле инстинктивни“, вели хорнистот
Тина Иванова
Македонскиот музички уметник Емин Џијан, вечерва во Домот на АРМ во 20 часот, ќе настапи како солист на хорна со Симфонискиот оркестар на Македонската филхармонија, на концертот на кој ќе диригира Мартин Пантелеев од Бугарија. Ќе бидат изведени делата „Остров“ (компонирано од диригентот Пантелеев), Концертот за хорна и оркестар бр.1 од Рихард Штраус и Симфонијата бр. 9 „Од новиот свет“ од Антонин Дворжак. Со Емин Џијан разговараме за неговите мотиви да се „втурне“ и на ваков начин во светот на класичната музика. Во Македонската филхармонија работи 17 години, но музичката јавност го познава, пред се', како еден од членовите во неколку македонски современи музички состави, моментно во „Проект жлуст“, „Скопје конекшн“, Тони Китановски и „Черкези“:
И покрај тоа што си дел од Македонската филхармонија повеќе од 15 години, моментно како нејзин прв хорнист, за пошироката музичка јавност зачудува фактот што вечерва на сцената во Домот на АРМ ќе настапиш со оркестарот на Филхармонијата како солист. Зашто публиката те познава најмногу во една друга светлина, а тоа е дека си дел од неколку современи музички групации. Од каде мотивот токму сега на ваков начин да и' се посветиш на класичната музика?
Во Македонската филхармонија работам околу 17 години. Последните 11 години како прв хорнист и шест години пред тоа, како хонорарен соработник. Идејата да настапам како солист со Филхармонијата со класична програма постои од поодамна и ете баш во овој период се случува таа да биде и реализирана, поддржана од директорката Маја Чаначевиќ. Јас како солист имам настапувано со Филхармонијата уште во моите студентски денови и тогаш беше многу возбудливо да се свири како солист со оркестар. Сега за мене е добар период малку да се вратам во онаа класична рутина на вежбање и свирење, да видам до каде сум стигнал и до каде можам да одам на уметнички план. Во оркестрите низ светот, обврска е на секој водач на група да одржи од време на време солистички концерт.
Изминатава декада музички поактивен и понаклонет бев кон модерната музика, односно поконцентриран кон авторска музика и музичката јавност можеби повеќе ме препознава по „Проект жлуст“, „Скопје Конекшн“, Георги Шарески квартет, Тони Китановски и „Черкези Оркестра“... Мислам дека овој концерт доаѓа во добар период од мојот музички живот.
Со Македонската филхармонија ќе го изведуваш Концертот бр. 1 за хорна и оркестар од Рихард Штраус. Зошто токму ова дело и овој автор?
Рихард Штраус е еден од најсериозните претставници на доцниот германски романтизам и раната модерна музика од 20 век. Во својот широк опус содржи најразновидни дела од камерна, симфониска музика, до оперски дела. Концертот бр. 1 во Ес-дур го напишал во неговата рана фаза и го посветил на својот татко кој во тоа време бил прв хорнист на Минхенската филхармонија и бил ценет како врвен хорнист. Концертот е во три дела, но сите се споени во една целина, го нема класичниот пристап на ставови. Овој концерт е еден од најпознатите и најкомплексни дела напишани за хорна и е дел од репертоарите на сите познати светски солисти.
Чувствуваш ли сега една поинаква одговорност, или тремата е иста како за секој настап, иако во класичната музика не му се дава на изведувачот таква слобода во креацијата како во другите музички форми?
Одговорноста е секако поголема. Во овој начин на музицирање има одреден стандард и се очекува тој да биде задржан. Се очекува делото да биде отсвирено во одреден стил со одредена боја, артикулација, агогика..., кои стилски одговараат на епохата кога музичкото дело било напишано. Кога свирам со „Скопје Конекшн“ или со „Проект жлуст“, јас имам слобода да го менувам начинот на свирење во однос на тоа како се чувствувам и што размислувам, или од моменталната инспирација и јас уживам во таа слобода. Мислам дека тоа е едно друго ниво во музицирање каде што навистина уметникот може да се искаже, нормално доколку има нешто да каже.
Македонската филхармонија во последнава година се соочува со намален буџет, а тоа значи и намалена програма, помал број солисти. Задоволен ли си од состојбата во која се наоѓа оркестарот?
Целокупната состојба во Македонската филхармонија е многу подобра во однос на некои поизминати години, но не можам да кажам дека сум задоволен. Се' уште свириме во Домот на АРМ каде што акустиката е ужасна и наполно неинспиративна. За жал, оваа година и буџетот на оркестарот е многу скратен, има помалку солисти, програмата е проретчена... Сепак, има чекор напред во однос на атмосферата за работа, се чувствува нов елан кај повеќето музичари и желба за подобрување на квалитетот на оркестарот. Мислам дека со преселувањето во новата сала оркестарот ќе се прероди. Значи ли дека со овој твој солистички настап го менуваш правецот на движење во кариерата?
Не знам дали имам некаков правец во кариерата. Сите работи што ми се случиле досега на музички план биле инстинктивни и интуитивни. Немало некој посебен план за одредена кариера. Уживам кога сум дел од музиката и тоа ми е најбитно. Мислам дека колку музичарот мож�� да свири повеќе стилови и правци, толку повеќе е побогат за некои нови сознанија и уметнички доживувања. Би сакал да одржам и еден рецитал во поскоро време, но тоа не значи менување на правецот. Музичката дружба со „Жлуст“ , „Скопје конекшн“, Шарески... останува и се продлабочува.
Кога веќе ги спомена двете групи од кои си неизоставен дел, „Проект жлуст“ и „Скопје конекшн“, кои се Вашите најнови предизвици?
Со „Скопје конекшн“ на последната турнеја имавме два дена слободни што ги поминавме во Хилверсум, Холандија, снимајќи нов материјал со еден од најдобрите светски челисти, Ернст Реисегер. Наскоро ќе започнеме со миксање на материјалот и се надевам набрзо ќе имаме промоција и концерт во Скопје. Со „Проект жлуст“ се подготвуваме за нов материјал со неколку гости, меѓу кои и со Франческо Беарцати. Најверојатно, концертот и снимањето на овој материјал ќе се случи некаде во почетокот на февруари. |