Седмиот печат
Шакалите чекаат, завиваат и се смеат
Сунчица Уневска
Кон документарецот за Ристо Шишков, „Духот на татко ми“, режија: Горан Тренчовски
„Судбината на Ристо Шишков ги содржи сите нешта кои се карактеристични и за животот на Македонецот. Во неговиот живот и уметничко творештво има исклучителни креации, има големи остварувања, има многу труд и работа, има искрен патриотизам и висок хероизам, но на моменти го има и антијунакот, има предавство, има синдром на самоуништување“, вели Гоце Ристовски во филмот „Духот на татко ми“, посветен на големиот актер и на енигмата која остана врзана за неговото име и судбина, како и за времето во кое тој твореше и живееше.
Документарниот филм „Духот на татко ми“ е авторски проект на Горан Тренчовски, кој посвети цели три години на оваа значајна посвета, која беше и единствената што на достоен начин ја одбележа 70-годишнината од раѓањето на македонскиот актер, кој одигра многу значајна улога во развојот на домашниот театар и обележа една цела епоха. Па сепак, иако за тоа веќе пишувавме, никој во текот на годината не се сети да ја одбележи оваа годишнина онака како што доликува, со потсетување на творештвото на Шишков и вредното наследство кое тој го остави за идните генерации.
Но, затоа филмот на Тренчовски, направен исклучително студиозно и со љубов, прави една неверојатно добра хронологија на животот и настаните, прави еден одличен портрет на Ристо Шишков низ сеќавањата на неговите современици, роднини и пријатели, низ инсертите од сите негови 11 филмови, но и од телевизиските серии и драмски ролји, во кои се вплетени и оние од неговиот живот, а сето тоа крунисано со судбината и скриената болка и гордост која ја носи и која ја одбележува судбината на неговиот син, Васил Шишков.
Колку што Ристо Шишков остави фасцинантни улоги, колку што го одбележа театарот и уметноста на ова македонско тло во 1960-тите и 1970-тите години, толку неговата трагична судбина, како резултат на комунистичките интриги и небулози, уште повеќе го одбележува и му става печат на времето во кое тој живееше и во кое се случуваа многу драматични настани. Еден од нив, можеби најголемиот, секако, е врзан за судбината на Ристо Шишков, која, како во филм, низ една иронија и неверојатна хајка се обидоа да ја уништат и да избришат се' што беше обележје и што остана како трага во неговиот живот.
Се разбира, тоа беше невозможно, за што, и покрај игнорантскиот однос кон овој јубилеј, сепак, најдобро зборуваат неговите незаборавни креации, кој еднакво одушевуваат со својата сила и магичност и денес, како и тогаш, кога беше првак на дрмата во МНТ и кога беше водечкиот актер кој направи пресврт и донесе ��дна нова свежина и професионалност на нашата театарска, и воопшто уметничка сцена.
Горан Тренчовски многу добро ги вклопува неговите улоги низ хронологијата на сето она што му се случуваше на Шишков во стварниот живот, а што секако е нераскинливо споено и со неговата уметност. Бидејќи, тој беше уметник од таков калибар, кој го живееше животот на сцената и обратно. Или како што се вели во филмот, за него професијата беше над се'. Еден од неговите современици ќе каже дека Шишков беше парадигма на уверувањето дека уметноста е над реалноста и уметниците треба да владеат со неа. А Шишков владееше, и покрај, трагедијата што му се случи.
Неговиот син Васил Шишков вели: „Духот на татко ми е тука преку мене. Тој и по цели 24 години од неговата смрт се' уште стои, за разлика од оние кои тоа му го направија“. Филмот прави една многу интересна паралела со животот на неговиот син, кој страда поради случувањата, но ја носи и целата гордост и големина, како неизоставен дел од нашата историја.
Горан Тренчовски на почетокот на филмот го цитира Иван Чаповски, велејќи дека огледалото и кога се дроби останува нешто од чистата материја, од која тоа повторно се обновува. Алудирајќи одлично, низ неговата легендарна улога во „Црно семе“, како и низ драматичната музика, на сето она што останува, на чистината на уметноста, на духот, на љубовта и влогот. Неговите колеги за него ќе речат дека бил магионичар на сцената, дека умеел да ја разгали душата на гледачите, да ја разбуди нивната совест и дека бил многу сакан. Но, останува повторно ироничниот факт, дека еснафот не го одбележа овој јубилеј, ниту направи сеќавање за големиот актер. Па сепак, како што нагласува неговиот син, духот негов е тука. Или она што во еден момент го вели Ристо Шишков - ако мислата не ја префрлев во друго срце што сум постигнал? Подобра посвета од тоа нема. На тоа, на најдобар можен начин не' потсети Горан Тренчовски, порачувајќи дека ��е е важно дали небулозите продолжуваат, важно е неговото траење и дали допрел до нашите срца. А тоа, иако над реалноста, се чини е непобитен факт. |