Лондонскиот симфониски оркестар доаѓа во Скопје
На 10 декември во „Метрополис арената“ во Скопје концерт ќе одржи еден од најпознатите светски симфониски ансамбли, Лондонскиот филхармониски оркестар, предводен од својот шеф-диригент, маестро Владимир Јуровски. Како солист на пијано ќе настапи Симон Трпчески. Концертот се организира во соработка со „Ај-Ем-Џи артистс“, чиј ексклузивец, всушност, е и пијанистот Трпчески.
Оваа исклучителна комбинација уметници предвиде програма за македонската публика што ќе ги опфати Симфонијата бр. 5 од Феликс Менделсон, Симфонијата бр. 3 од Јоханес Брамс, како и Концертот за пијано и оркестар бр. 3 од Сергеј Прокофјев. Токму ова дело од Прокофјев Трпчески го изведе на своето неодамнешно деби во престижната њујоршка сала „Карнеги“ и го „натера“ критичарот на „Вашингтон пост“ да запише дека „...нотите под неговите прсти потекоа како ѕвезди што паѓаат - далечни, а прекрасни“.
Гостувањето на Лондонскиот филхармониски оркестар се реализира под покровителство на Министерството за култура на Македонија.
Билетите за концертот се по цена од 1.200 и 1.500 денари, а ќе се најдат во продажба од 3 декември во „Југотон“ - ГТЦ и билетарницата на „Скопски саем“.
Инаку, Лондонскиот филхармониски оркестар не е само еден од најдобрите во Велика Британија, туку се смета за еден од најдобрите светски оркестри денес. Во повеќе од 100 години постоење, континуирано ги собира врвните музичари од Европа и од светот. Својот прв концерт го одржал во 1904 година под диригентство на врвниот Ханс Рихтер. Со оркестарот диригирале, всушност, голем број видни имиња, меѓу кои и Андре Превин, Клаудио Абадо, Сер Колин Дејвис... (Т.И.) |