Без налог нема да се прислушува
Полицијата не смее да прислушува без судски налог. Тоа е суштината на одлуката на Уставен суд, кој на вчерашната седница поништи одредби од пет члена на Законот за електронски комуникации што е донесен во 2005 година, а последен пат се менуваше годинава.
Станува збор за точки и ставови од членовите 4, 112, 114, 115 и 138, со кои се предвидуваше МВР да може да ги следи електронските комуникации од каков и да е вид без судски налог, иако во законите за кривична постапка и за следење на комуникации, кои, исто така, содржат одредби за прислушкување, е предвидено да има налог од судот.
Одредбите се поништени затоа што со нив, според Уставен суд, биле доведени во прашање основните слободи и права на човекот и на граѓаните, владеењето на правото, уставната гаранција за неповредливост на комуникацијата во сите облици, освен врз основа на судска одлука. Исто така, според судиите, доведени се во прашање уставната гаранција за тајност и сигурноста на личните податоци, заштитата на приватноста, достоинството и угледот на граѓаните, а се проблематизира и позицијата на судската власт, со оглед на тоа што извршната власт би можела да дејствува без нејзин налог.
Поништувањето значи и елиминирање на сите поединечни акти и дејства преземени од донесувањето на овие законски одредби до објавувањето на одлуката на Судот во „Службен весник“. Судиите ја донеле одлуката со мнозинство гласови, а во расправата немало спротивставени ставови. (П.Р.) |