Тутунарите го бојкотираат откупот
ПРИЛЕП - Поголемиот дел тутунари од Прилеп, незадоволни од цените, не го предаваат тутунот за откуп. Револтираните производители тврдат дека родот им се проценува нереално, за една-две класа подолу, и покрај тоа што е со неспоредливо повисок квалитет од лани. За да се реши ситуацијата, Сојузот на тутунските здруженија бара итна средба со откупувачите во Министерството за земјоделство.
„Тутунот годинава можеби е поквалитетен за 40 проценти. А ни даваат двојка, која е 162 денара за килограм и тројка која е 124 денари. Не може вака, како ќе преживееме. Сите живееме од тутунопроизводство“, се жалат прилепските тутунопроизводители.
Од Сојузот на тутунските здруженија се категорични дека нема да го предаваат родот се' додека не се одржи средба со откупните фирми, на која очекуваат да се постигне договор.
„Ако треба, ќе го чуваме тутунот дома и нема да им го дадеме на откупувачите. Тутунарите се подготвени да издржат зашто знаат дека овој третман не го заслужуваат“, вели Данчо Милески, претседател на Сојузот. (Мн.Т.) |