Српските банки повторно заработуваат добро
Во првото тримесечје од оваа година банките оствариле добивка од 9,6 милијарди динари, што е за 38 отсто повеќе во однос на истиот период лани
Во првото тримесечје од оваа година банките остварија приход пред оданочувањето од 9,6 милијарди динари, што е 38 отсто повеќе во однос на истиот период лани, објави Народна банка на Србија.
Првите пет банки, според висината на остварениот приход пред оданочување, се Банка интеза со 2,7 милијарди динари, Уникредит банка со 1,6 милијарди, Рајфајзен – 1,4 милијарди, Комерцијална банка – 0,9 милијарди и Еуробанк ЕФГ – 0,8 милијарди динари. Првите пет банки по висина на остварени загуби се Војвоѓанска банка со 0,8 милијарди динари, ОТП банка – 0,5 милијарди, Алфа банка – 0,4 милијарди, Марфин банка – 0,2 милијарди и Креди агрикол – 0,1 милијарда динари.
Со вкупна актива од 343 милијарди динари и учество од 14 отсто во вкупната актива на банкарскиот сектор, Банка интеза претставува најголема банка во банкарскиот систем во Србија. По неа следува Комерцијална банка со 255 милијарди динари актива и со учество од 10,4 отсто. Во однос на претходното тримесечје дојде до одредени прераспределби во редоследот на најголемите шест банки, а најголем напредок на ранг-листата на најголеми десет банки забележа Сосиете Женерал, со поместување за две места, која со 148 милијарди динари се наоѓа на шесто место по големина на активата во банкарскиот сектор.
Две банки ги подобрија своите позиции за по едно ранг-место – Рајфајзен, која повторно е трета по големина, и Уникредит банка, која е четврта по големина. Истовремено, две банки ги влошија своите позиции по две ранг- места - Еуробанк ЕФГ банка, пад од трето на петто место на крајот на март и Хипо Алпе Адриа банка – пад од шесто на осмо место.
Во банкарскиот сектор во Србија на крајот на првото тримесечје годинава вкупно работат 33 банки, а вработуваат 29.899 луѓе. Трендот на намалување на бројот на вработените во банкарскиот сектор во Србија, почна во текот на 2009 година и за прв пат е спречен, имајќи предвид дека на крајот од првото тримесечје оваа година во споредба со крајот на 2010 година, бројот на вработените лица е зголемен за 12. Во однос на претходното тримесечје вкупно 13 банки го намалија бројот на вработените за 231, додека 20 банки го зголемија бројот на вработени за 243 лица. Од вкупниот број банки, 21 се наоѓаат во сопственост на странски лица, додека 12 се во сопственост на домашни лица – осум во сопственост на државата како мнозински или најголем поединечен акционер и четири банки во сопственост на приватни лица.
Најзначајните странски банки, според учеството во вкупната актива во секторот, потекнуваат од Италија и од Австрија со по 21 и 18 отсто од вкупното учество, потоа следува Грција со 16 отсто, Франција со 9 отсто и сите други земји со вкупно 9 отсто учество. (Глас јавности) |