Куертен му рече збогум на тенисот
Бразилецот на трипати го освојуваше Ролан Гарос
Некогашниот најдобар тенисер на светот Бразилецот Густаво Куертен ја заврши тениската кариера токму во средишниот дел на тенискиот турнир Ролан Гарос, грен-слемот кој во неговата одлична кариера бразилецот го освојуваше дури три пати во 1997, 2000 и 2001 година.
Куертен (31) се прости со пораз уште во рамките на првото коло од французинот Мати со 6:3, 6:4 и 6:2 по сетови, и тоа како 1141 тенисер на АТП- листата. „Се' си има свој почеток и крај, па така и мојата кариера, и покрај тоа што до неодамна верував дека можам да ’поиграм‘ уште неколку сезони. Сепак, мислам дека се' се претвори во измачување, а јас немам за што да жалам. Како и зошто би имал, кога во еден момент бев најдобар тенисер на светот“, изјави бразилскиот тенисер, кој во 2000 година беше најдобар тенисер на светот. Повредите го натераа во последно време многу малку да се појавува на турнири, па така годинава Куертен одигра скромни пет меча и доживеа дури четири порази. Во неговата кариера тој одигра вкупно 522 меча и освои 20 турнири. Многу рано уште во рамките на првото коло, турнирот Ролан Гарос во Париз заврши за Шпанецот Карлос Моја, кому му ја „зеде мерката“ аргентинскиот квалификант Едуардо Шванк во пет сета. Вистинска драма доживеа и искусниот Анди Мареј кој дури по два часа и 45 минути и пет одиграни сета успеа да го победи Французинот Џонатан Есерик.
Поинтересни резултати, прво коло: Новак Ѓоковиќ (Србија) - Денис Гремелмаер (Германија) 4:6, 6:3, 7:5, 6:2, Давид Налбандиан (Аргентина) - Карлос Берлок (Аргентина) 6:2, 6:4 и 6:1, Анди Мареј (Англија) - Џонатан Есерик (Франција) 6:2, 1:6, 4:6, 6:0, 6:2, Џејмс Блејк (САД) - Раинер Шутлер (Германија) 6:4, 6:1, 7:6, Едуардо Шванк (Аргентина) - Карлос Моја (Шпанија) 7:6, 6:2, 6:7, 4:6, 6:3, Хозе Акасусо (Аргентина) - Диминик Хрбати (Словачка) 6:4, 6:2 и 6:4. Во рамките пак на вчера одиграните мечеви на машкиот турнир во Париз, Робредо славеше против Кориа со 7:5, 6:4, 6:1 и 6:4, Болели беше подобар од кипранецот Багдатис со 6:2, 6:4 и 6:2, а Р. Федерер го победи Куереј со 6:4, 6:4 и 6:3 по сетови. Ли го победи Бјоркман со 3:0 (6:4, 6:4 и 6:3) по сетови, а вистинска драма се случуваше на мечот помеѓу Вердаско и Вентура кој го доби овој првиот со маратонски 3:2 (6:4, 3:6, 4:6, 7:6, 1:6) по сетови.
На вториот ден на женскиот турнир пак србинката Јелена Јанковиќ се намачи против Никулеску и победи со 2:0 (7:6 и 6:2) по сетови, а Пети Шнидер беше подобра од Бучкова со 2:0 (6:3 и 6:4) по сетови. Првиот ден на женскиот турнир Ана Ивановиќ ја победи Арвидсон со 2:0 (6:2 и 7:5), а Серена Вилијамс лесно и убедливо ја победи Харклроуд со 2:0 (6:2 и 6:1) во сетови. |