Кој ќе го спонзорира Вардар?
Се спомнуваат неколку понуди со милионски суми, но како што стојат работите сега, сето тоа е несигурно
Миодраг Мицковиќ
Дали во текот на денешниот ден ќе биде конечно познат новиот спонзор и газда на Вардар, бидејќи синоќа некомплетниот Управен одбор, составен само од три члена, требаше да ги разгледува пристигнатите понуди на фирмите кои сакаат да вложуваат во клубот и да бидат негови спонзори.
Се спомнуваат две фирми, наводно, како најсериозни кандидати да го преземат Вардар. Првата, која е пристигната преку некоја адвокатска канцеларија е од Малта: „Планет М лимитед 2“ од Ла Велата, која е подготвена да вложи во Вардар 6.300.000 евра, но и покрај сите наши обиди не успеавме на Интернет да ја пронајдеме во адресарот на Малта.
Од пред два дена, наводно, пристигната е понуда од Австралија, од Здружението на македонските иселеници кои за четири години се подготвени во Вардар да вложат дури пет милиони австралиски долари или само за првата година три милиони евра.
Во понудата на „Планет М лимитед 2“ стои дека тие се подготвени да изградат и две помошни игралишта за потребите на клубот, мини-хотел до стадионот и комплетна медицинска установа во склопот на хотелот.
Добро е тоа за Вардар доколку сето тоа е точно, бидејќи Вардар со сегашното раководство, барем во изминатите два месеца откако на нелегитимното собрание на 1 април во „Холидеј ин“ го презеде клубот, не направи ништо. Имаше многу ветувања, најавени беа повеќе спонзори, но барем до вчера од сето тоа немаше никаква реализација.
Токму и поради тоа во јавноста со своето писмо реагира и Оперативниот тим на ветераните на Вардар кое беше избрано на оној собир на ветераните и поранешните функционери на Вардар, барајќи да се испочитуваат одлуките што беа донесени на тоа нелегитимно собрание на Вардар.
„Сметаме дека в.д. претседателот на Вардар, Ванчо Шехтански, во ��оследно време преку дневниот печат шири ноторни измислици и невистини со кои ја дезинформира и манипулира јавноста за да се прикријат вистинските цели на целата таа акција „Управа оди си“ и „Спас за Вардар“.
Сакаме со ова писмо да му поставиме неколку прашања:
„Зошто Управниот одбор наместо седум, се' уште брои само три члена и каде се тие силни обезбедени спонзори, кои требаше да бидат членови на тој Управен одбор кои ќе му го врателе сјајот Вардар, да биде европски клуб.
- Каде се тие обезбедени пари за плати, рати на фудбалери, платени придонеси за нормално завршување на првенството.
- Зошто не се почитува одлуката на тоа собрание дека во рок од еден месец ќе се одржи редовно собрание на кое ќе се избере ново раководство на клубот, јасно со нов спонзор како што беше ветено.
- Зошто не е поднесено писмено барање до МВР да се проверат сите трансфери, сомнителни финансиски трансакции и преку ревизор да се утврди каква е финансиската положба на Вардар, колку должи и колку побарува, што ќе биде сигурно важно за луѓето што се заинтересирани да вложуваат во Вардар и да се пријават на објавениот конкурс.
- И, конечно, кога ќе биде деблокирана сметката на Вардар, блокирана уште 1991 година од страна на фирмата на Орце Камчев.
- Зошто во последен момент во јавноста излезе документ за критериумите кои треба да се исполнат за да се преземе Вардар. Се прашуваме, за каква фарса сега станува збор.
- Малку е чудна клаузулата дека идниот финансиер кој сака да гради на таа добиена маркичка треба да оддели 100 квадрати за Иницијативниот одбор кој сега управува со Вардар.
- Ние сакаме да ја известиме јавноста дека не сме заинтересирани за изградба на кинески ѕид II, ниту сакаме од клубот да правиме градежна ниту хотелска фирма.
На крајот, се вели во соопштението што е испратено до јавноста, дека овој Оперативен тим не го признава легитимитетот на „раководството“ на Вардар и, поучени од претходните искуства, дека сите овие најави за евентуалните спонзори од Малта и Австралија се само обид за масовно залажување на јавноста, отворено ја повторуваат нивната понуда:
- Подготвени сме да го водиме Вардар и на едно регуларно, но не изрежирано собрание да понудиме ефективен годишен буџет од 800.000 евра во првата и најмалку 1,2 милиони евра во четвртата година од мандатот. На тоа собрание ќе инсистираме на бришење на правото на колективните членови да ставаат вето или на кој било друг начин да го опструираат функционирањето на собранието и на тој начин, како досега да го држат во заложништво клубот.
Доколку не се одржи наскоро ветеното собрание на Вардар, ние го задржуваме правото дополнително да ја известиме јавноста за терминот, начинот и постапката за закажување јавно и транспарентно собрание на клубот на што имаме право. |