Томислав Јотовски се остри за Ролан Гарос
Најмладиот Дејвис-куп репрезентативец утре заминува на својот прв јуниорски Гренд- слем
Томислав Јотовски, заедно со тренерот Дејан Маринковиќ, утре заминува за Франција, каде што в петок почнуваат квалификациите за јуниорскиот турнир на Ролан Гарос. Најмладиот член на Дејвис-куп репрезентацијата на Македонија ќе мора да извојува две победи првпат да заигра на еден Гренд слем. Тој неделава е 80. на ИТФ-листата за тенисери до 18 години.
„Основна цел ми е успешно да ги поминам квалификациите, а потоа, ако ми се укаже шанса, да отидам што подалеку“, вели 17-годишниот тениски бисер. Оптимизмот го темели на фактот дека од 2006 година наваму има победено дваесетина врсници од најдобрите 50 на листата на ИТФ.
Ролан Гарос е попатна етапа од амбициозниот план на Јотовски за втората половина од годинава. По Париз првпат во кариерата ќе игра на трева, и тоа на јуниорскиот Квинс, како и во квалификациите за јуниорскиот Вимблдон. Во меѓувреме, накратко ќе се проба и меѓу професионалците на фјучерсот „Мерцедес опен“ во Скопје, со награден фонд од 10.000 американски долари, кој почнува на 9 јуни. Летоска ќе настапи на пет јуниорски турнири во Србија, во октомври ќе учествува во кампот на Марсело Риос во Чиле, а ќе оди и на проба кај Никола Пилиќ во Германија.
За сите овие активности се потребни големи финансиски средства, кои засега во најголема мера ги обезбедува неговиот татко Зоран, сопственик на туристичката агенција „Кондор“. Веќе четврти месец како доцни стипендијата од 2.500 денари од Македонски олимписки комитет, а се' уште нема одговор ни од Агенцијата за млади и спорт на барањето за поддршка. Единствена помош во моментов му дава матичниот тениски клуб Југ преку бесплатното користење на терените. (Р.Д.) |