Доживотна за полицаецот што уби студент во Атина
Александрос Григоропулос загина во декември 2008 година во судирот на група млади со полицијата
Атина - Доживотна казна затвор доби убиецот на грчкиот ученик Александрос Григоропулос, кој загина од полициски куршум пред две години. Полицаецот Епаминондас Корконеас, заедно со својот соработник, во декември 2008 година година во судирот со група млади луѓе стрелаше во 15-годишниот Александрос.
Долгомесечното судење заврши без надеж за Корконеас, кој е осуден на доживотен затвор за убиство со премисла. Неговото барање за суспендирање на казната беше отфрлено, заедно со барањето да се земат предвид неговото чисто досие и добро однесување. Колегата на Корконеас, кој присуствуваше на немилиот настан, полицаецот Цасилис Саралиотис, беше осуден на 10 години затвор.
Убиството на Александрос Григоропулос се случи во декември 2008 година година во грчката населба Ексархија. Како што тврдеа полицаецот Корконеас и неговата одбрана, до истрелот дошло откако неколку студенти почнале да фрлаат различни предмети по двајцата полицајци. Корконеас тврди дека за да се одбранат истрелал еднаш во воздух, но куршумот се одбил и удрил во 15-годишниот Александрос. Други сведоци за време на судењето тврдеа дека полицаецот не пукал во воздух, туку директно кон групата студенти. Балистичките тестови покажале дека куршумот што го погодил Григоропулос се одбил од тротоарот.
Убиството на младиот Александрос во цела Грција предизвика бран протести насочени кон владата. Државата буквално гореше и беше во хаос еден месец, со што официјално се означи почетокот на крајот на владата на Костас Караманлис.
Нетолеранцијата на младите од бунтовната населба Ексархија кон припадниците на полициските сили не е нешто невообичаено, полициското присуство во Ексархија се смета за а провокација и непотребно етикетирање на маалото како сомнително. Историски голем дел од судирите меѓу младите и полицијата почнуваат во Ексархија, како знак и на бунтот на граѓаните насочен кон државниот систем.
Одлуката на судот за семејството на Григоропулос беше мало олеснување.
„За нашето семејство одлуката е крај на едно ужасно шоу со кое некои сакаа да го зацрнат и навредат сеќавањето на нашиот невин син“, изјави мајката на Александрос, Џина Цаликијан. За нив ова е порака за одговорноста. „Уште едно среќно дете, кое беше убиено, стана симбол на социјалната и на правната историја“, изјави адвокатот на семејството Григоропулос. (М.П.) |