Милано го декласира Вардар на Градски
Фудбалерите од Куманово го понижија Вардар совладувајќи го со 4:2 (3:2)
Миодраг Мицковиќ
Црната серија на Вардар продолжува. Веќе седум првенствени кола, плус две средби во Купот нема забележано победа. Никогаш во својата историја, дури и тогаш кога играше во друштво со најдобрите клубови од поранешна Југославија немал така лош биланс и толку слаби резултати како во годинашново првенство. Нешто навистина се случува со нашиот најтрофеен клуб. Тоа го покажа и саботниот меч со Милано на кој Вардар не само што беше поразен на Градскиот стадион, туку и декласиран, дури и понижен. Што е уште полошо, како играше, поразот можеше да бие уште покатастрофален. Во вторите 45 минути немаше ниту една шанса, рака на срце немаше ниту во првиот дел, немаше да ги постигне и тие два гола доколку судијата Бошков не му досуди два „домашни“ пенала.
Тешко е да се објасни оваа не само резултатска, туку и криза во играта на Вардар. Кога дојде новиот спонзор, Трифун Костовски, ги собра најдобрите играчи од шампионскиот тим на Работнички, ги задржа најдобрите играчи на Вардар и кога по успешниот старт сите очекуваа дека црвено-црните ќе се прошетаат во годинашново првенство до титулата, колата тргна надолу. Првите победи против Пелистер, Победа и Ренова покажаа дека Вардар не беше толку силен колку што противниците беа слаби. И таа прогноза се оствари, дојде поразот од Македонија, потоа од Работнички и дојде до црната серија, седум кола без победа. Не помогнаа и смена на тренерите: Достаниќ (најголема грешка со неговото ангажирање), потоа Тасевски, сега клубот го води Милко Ѓуровски, колку тој ќе издржи на кормилото на Вардар, осбоено по овие катастрофални резултати, не е тешко да се предвиди.
Се очекуваше дека Вардар конечно, пред своите навивачи, по онаа казна од четири средби играње на Градски без гледачи, ќе го почне конечно походот кон врвот. Наместо тоа, дебакл. Играчите на Милано им одржаа вистинска лекција по модерен фудбал на неговите ирачи, дури беше жално да се гледаат како играа во вторите 45 минути.
А се' добро почна за Вардар. Во 13 минута, по еден старт на Цуцули над Емрулаху, судијата Бошков покажа на белата точка, наше мислење престрого, а сигурен егзекутор на најстрогата казна беше репрезентативниот голман Пачовски. Но, неговата радост по овој постигнат гол беше куса. Само за девет минути потоа прими три гола, во 22 минута на семафорот стоеше: Вардар - Милано 1:3. И сите три гола ги постигна расположениот за голови Ивица Глигоровски. Најпрвин во 16 минута по еден „карамбол“ во шеснаесетникот на Вардар израмни на 1:1, потоа ја искористи големата грешка на вардаровиот голман, кој при дегажирањето, практично му ја додаде топката, а овој во стил на фудбалски мајстор лобувајќи ја затресе неговата мрежа. Кутриот Пачовски се' уште не беше соземен од овој шок и неговата голема грешка, а по три минути по третпат ја вадеше топката од својата мрежа. И повторно Глигоровски му го загорчи саботниот ден.
Кога Вардар во 36 минута намали, повторно од пенал на 2:3, се чинеше дека ќе присуствуваме на неговата офанзива со желба да го израмни резултатот. Но, најпрвин да кажеме и за овој пенал. По изведениот корнер, во големата мешаница, како покажа судијата Бошков, топката го удрила Статовци во рака, иако не беше ситуација за погодок, но тој покажа на белата точка, овојпат реализатор беше Баевски.
Сите очекуваа од Вардар поголем притисок на голот на Нурединовски, но во 55 минута, Алими, од слободен удар, од околу 35 метри, речиси од половина игралиште, како што тоа се вели, го совлада индиспонираниот Пачовски и тоа беше крај на мечот - 4:2 за Милано, кој доколку искористеше уште две-три шанси, можеше да му ја наполни со повеќе голови мрежата на Пачовски.
Вардар, како што рековме, во второто полувреме, без шанси, не се забележуваше на теренот.
Вардар - Милано 2:4 (2:3)
Градски стадион. Гледачи 300. Судија: Зоран Бошков од Неготино. Стрелци: Пачовски во 13 и Баевски во 36 м од пенали за Вардар. Глигоровски во 16, 19 и 22 и Алими во 55 за Милано.
Вардар: Пачовски, Божиновски, Гошевски, Вајс, Положани, Милисављевиќ, Ејупи, Емрулаху (Љубисављевиќ), Пеев (Јовановиќ), Баевски (Јанчевски), Масев.
Милано: Нурединовски, Статовци, Брандо, Ристов, Трајчев, Гаши, Гешоски (Траковски), Цуцули, Глигоровски (Маневски), Алими, Исуфи.
|