Реми рамно на пораз за ракометарите во Естонија
Лазаров на 25 секунди до крајот спречи целосен дебакл во реваншот во Полва од квалификациите за ЕП
Машката ракометна репрезентација на Македонија направи голем чекор назад на патот кон Европското првенство 2010 во Австрија, играјќи само нерешено 28:28 кај аутсајдерот Естонија во својот втор натпревар во рамките на третата квалификациска група. Се повтори историјата од пред две години, кога македонските ракометари во квалификациите за мундијалот во Германија ремизираа во Кехра, поради што подоцна не стигнаа ни до баражот.
Избраниците на селекторот Иле Темелковски можат да бидат и среќни што гостувањето во Полва не се претвори во целосен дебакл, бидејќи Кирил Лазаров го постави конечниот резултат на 25 секунди до крајот. Македонскиот капитен и убедливо најдобар поединец на мечот со израмнувачкиот гол се извади за промашувањето во претходниот напад, кое Естонците го казнија од контра, најавувајќи сензација. Можноста за тоа им ја дадоа гостите со трите нереализирани напади, односно удари во финишот на Стојановиќ, на Миркуловски и на Лазаров, пред последниот да стави точка.
Токму најефикасниот со 12 гола уште по лесната и висока победа од 31:22 во Скопје предупредуваше дека реваншот е нешто сосема друго и во него треба да се влезе максимално сериозно, но ништо од тоа неговите соиграчи не спроведоа во дело. Македонија влезе очајно во средбата, дозволувајќи му на домаќинот на почетокот да поведе со 5:1. Израмнувањето (7:7) дојде во 16 мин., а првото водство на гостите дури во средината на второто полувреме, кога во 44 мин. Темелков погоди од линијата од 6 м за 20:19. Две минути подоцна Алушовски зголеми на 22:20, по што естонскиот селектор Калмер Мустинг побара тајм-аут. Македонските ракометари, сепак, и во наредните десетина минути ја одржуваа разликата од два погодока до 25:23 и место да ја довршат егзекуцијата, тука застанаа.
На два разлика судиите Кохут и Новак од Чешка му поништија чист гол на Мојсоски, постигнат по само едно додавање од дозволените три по кренатата рака за пасивен напад. Чесите имаа уште неколку чудни одлуки, на кои реагираше голманот Ристовски, за што го пратија на двеминутно ладење на клупата, а во дури 18 мин. со играч помалку влегува и грешката на македонската клупа при една измена во вториот дел.
Сето ова се одрази на крајниот епилог, кој не' става пред императив на победа над Исланд на 18/19 март на домашен терен, пред загубениот драгоцен бод да се проба да се надомести на некое од другите гостувања. Норвешка во саботата ја декласира Белгија со 35:24 и води на табелата со 7 бода од четири меча, Исланд е втор со 3/2, колку што има и Македонија на третото место, Естонија е четврта со 3/4, а Белгија последна без бодови од четири натпревари.
Естонија - Македонија 28:28
Полувреме: 15:15. Сала: „Месикап“ во Полва. Гледачи: 800. Судии: Кохут и Новак од Чешка. Седмерци: Естонија /, Македонија 1/2. Исклучувања: Естонија 10 мин., Македонија 18 мин. Технички грешки: Естонија 11, Македонија 12.
Естонија: Алексеев (14+1), Наум, Пинонен, Р. Леп 2 (2/2), М. Леп 4 (4/5), Јанима (0/2), Лива 2 (2/4), Патраил 9 (9/20), Восалу, Јохансон, Маги 6 (6/10), Сок 5 (5/6), Карусе, Томла (0/2). Селектор: Калмер Мустинг.
Македонија: Ристовски (15), Ангелов, Стоилов (0/1), Алушовски 2 (2/3), К. Лазаров 12 (11/17, 1/2), Митков 1 (1/1), Темелков 2 (2/3), Миркуловски (0/1), З. Мојсоски, Н. Мојсоски 4 (4/9), Ф. Лазаров, Макалоски, Ѓоргоноски 1 (1/3), Стојановиќ 6 (6/8). Селектор: Иле Темелковски. (Р.Д.) |