Рекреативниот центар „Моклиште“ стана мочуриште
Локалната самоуправа ја префрла вината на граѓаните и на нивната несовесност
Ангел Данов
КАВАДАРЦИ - Оние кои одамна немаат дојдено на браната „Моклиште“ во Кавадарци, а планирале да се искапат во езерцето, ќе мора да ги прекројат плановите. Браната е вистинско мочуриште. Привлекува само муви, комарци и жаби, но не и излетници. Многу треви, алги, нечистотија, пластични шишиња, лименки и по некоја обувка ја прекриваат површината на „Моклиште“. Наместо излетничко место, браната прераснува во извор на зарази.
Локалната самоуправа ја префрла вината на граѓаните и на нивниот несовесен однос спрема животната средина. Ветуваат дека ќе бидат преземени мерки за чистење на загадениот рекреативен објект. Тоа дека депонијата ќе биде расчистена ветуваат и од „Водостопанство – Тиквеш“.
Граѓаните коментираат дека за постојниот рекреативен центар треба да се грижи посебна служба.
Во 2005 година, Општина Кавадарци, со помош на Министерството за финансии и Светска банка, целосно ја реконструира браната „Моклиште“. Кавадарчани добија современ рекреативен центар што требаше да им овозможи разладување од горештините во летниот период. За жал, по само три години, центарот прерасна во депонија. Од нечистата и каллива вода во езерцето се шири непријатна миризба. Граѓаните реагираат незадоволни од негрижата и неодговорниот однос на надлежните. Се поставува прашање кој е виновник за ваквото загадување.
Претседателот на Општинскиот совет Ратко Грков ја оправдува инвестицијата, но е разочаран од негрижата за ова место.
„Инвестицијата во браната е инвестиција на земјиште кое не е општинска сопственост. Со браната располага држава��а, а еден дел е во приватна сопственост. Поради тоа, немаме законска сила да ја издадеме под концесија за управување“, вели Грков. Тој упати апел до извршителите во Општина Кавадарци да ги преземат своите улоги и да ги оправдаат платите така што ќе сторат нешто за средување на објектот. |