И со референтните цени болните ќе користат најевтини лекови
При определување на референтната цена, Фондот за кој било лек од листата ја зел цената на најевтиниот лек
Јасмина Јовановска
Дали на товар на државата болните повторно ќе користат неквалитетни лекови? Ваквото прашање меѓу фармацевтите се наметна откако Фондот за здравствено осигурување ги обелодени референтните цени на лековите од позитивната листа, кои всушност се најниските цени на лекови кои државата ќе им ги покрива на осигураните пациенти, а за секој поскап лек тие ќе мора да доплаќаат. При определување на референтната цена, Фондот за кој било лек од фондовската листа ја зел цената на најевтиниот лек, со тоа што избирал меѓу единствената цена на лекот што ги правеше Бирото за лекови и тендерските цени што се постигнати на последниот тендер. Така, ако единствената цена била пониска од тендерската, тогаш таа се земала за референтна, или пак обратно. Како и да се земе, Фондот и во двата случаја, кога ја формирал референтната цена секогаш се фаќал за најевтината варијанта, па ако болниот нема можности за доплата, ќе мора да ги пие најевтините лекови. Ова не е законски, укажуваат неофицијални извори, зашто во фармацевтската регулатива, а и секаде во светот, референтната цена на лекот е средна цена на лекот од земјите кои државата се определила да им биде репер за референтна цена, при што се зема предвид набавна, производна, но и референтна цена од соседните земји.
Од Фондот за здравствено осигурување ни потврдија дека за референтната цена ја зеле најниската цена на лекот, било да е од единствениот систем на цени или пак од тендерот. Но, за нив сите референтни цени се законски и се правдаат со тоа што тие се работени според Правилникот на Фондот за здравствено осигурување за формирање референтни цени.
„Фондот работеше според четири модели за референтни цени, па можеше за референтна цена да избира меѓу тендерската, единствената, или средната од референтните земји, а тоа се Србија, Бугарија, Хрватска и Грција“, изјави за „Утрински весник“ директорот на Фондот за здравствено осигурување, Ѓорѓи Тренкоски. Зошто за референтна цена се одело на најевтината варијанта, Тренкоски ни одговори дека тоа е во интерес на пациентите за да може да добијат што е можно повеќе лекови.
На голем број од доставувачите не им одговара најниската цена на лекот да биде референтна цена, па постои опасност пациентите да останат без терапија, затоа што производителите се закануваат дека по оваа цена нема да испорачуваат лекови ни во аптеките, ни во болниците и клиниките, иако некои од нив се специфика и нема замена за нив. Оттаму коментираат дека референтните цени не се законски, бидејќи се работени по правилник што му одговара само на Фондот, а не и на пациентите. Згора на тоа, направени се и одредени пропусти, со тоа што некои лекови се испуштени, а за некои лекови има цена како за една кутија, иако тоа е цена за само една ампула, па се поставува прашањето зошто се брзало со објавување на референтните цени на лековите во „Службен весник“.
И покрај ваквите коментари, Тренкоски тврди дека референтните цени се законски, бидејќи во правилникот имале можности за избор. За евентуалните пропусти тој вели дека ова се први референтни цени на лекови и може да претрпат корекција. „До 1 август, кога треба да стапат во практика овие референтни цени, може да претрпат и измени, зашто до тогаш има уште две седници на Управен одбор на Фондот“, вели Тренкоски, кој најави дека за референтните цени ќе се состанат сите заинтересирани страни за да ги разгледаат заедно. Зошто тоа не е сторено претходно и зошто се брзало цените да се објават во „Службен весник“, Тренкоски вели, меѓу другото, и заради тоа да го исполнат ветувањето за референтните цени со кои болните ќе може да изберат кој лек да го користат со одредена доплата.
|