Ќе дува ветер со брзина од над 70 км на час
Умерен до засилен ветер кој ќе дува со брзина од над 70 километри на час прогнозираат надлежните за денешниот и за утрешниот ден. Ветерот ќе дува од северен правец, нема да биде пеколен, напротив, посочуваат од УХМР, тој ќе донесе пониски температури за осум степени во споредба со вчерашните. И покрај пониските температури, ветерот нема да биде проследен со дожд, односно не се очекува невреме со врнежи и грмежи.
„Ветерот ќе биде карактеристичен за денешниот и за утрешниот ден, и ќе ја зафати целата држава. Дожд може да се очекува денеска и тоа само во северните и во западните делови од државава, но тој ќе биде незначителен“, велат од УХМР. Оттаму прогнозираат дека температурите денеска и утре ќе бидат пониски за шест - осум степени во споредба со вчерашните. Утрешните дневни температури ќе се движат помеѓу 23 и 30 Целзиусови степени. Стабилизирање на времето и покачување на температурите се очекува да настапи веќе в четврток. (Дс.Т.) |