Број 3078  петок, 04 септември 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter

Без ракавици

Се кандидирам!

Јосиф Ќурчиев

На германската предизборно-политичка сцена измислениот „Хорст Шлемер“ со сатира ја отсликува презаситеноста и разочараноста на граѓаните од политиката

Сигурно нема да кажам ништо ново ако констатирам дека политиката, односно нејзините носители, особено во последниве деценија-две доживуваат перманентна ерозија, која, главно, се потврдува во изразитата недоверба кај граѓаните. Секако, тука исклучиво станува збор за демократските земји. За оние другите чиј број, за жал, е поголем, нема ниту потреба да се зборува. Јас не знам дали се' почнува со оцената на генерал Де Гол, секако субјективна и навивачка во негова полза, дека „политиката е премногу сериозна работа за да им се препушти на политичарите“, но, во секој случај, граѓаните се' почесто во практикувачите на оваа професија препознаваат неспособни, болно амбициозни, корумпирани скандал-мајстори инволвирани и во криминал, баханалии и секаков друг вид неморал. Со право изложени на оцените на јавноста, впрочем, таа е нивниот работодавец, не успеваат да им одолеат на предизвиците што ги носат власта и моќта. Но, внимание: не смее веднаш да се генерализира, што не е само наш обичај, па сите да бидат ставени во ист кош. Меѓутоа, токму поединците што се откриени, појава што многу зачести, без оглед колку се сака да се изолираат како „случаи“, ја нарушуваат вкупната слика и тука нема помош. Кога, пак, сето тоа ќе се најде во запчениците на жолтиот печат, срамот е уште поголем, зашто тие не се воздржуваат ниту од најдолните детали. Меѓутоа, таквите скандали уште можат и да се проголтаат, по периодот кој ќе ја „развеселува“ публиката, додека не се појави некоја друга афера, уште поскокотлива и побизарна.



Значително посериозно е кога носителите на политичките одлуки – да повторам за да нема забуна, зборуваме за земји со развиена демократска традиција – ќе ги внесат и своите држави, но и целиот свет во длабоки кризи, воени или економски. Како оваа последнава што доби глобални димензии и ги турна сите, без исклучок, во бездната на економска мизерија. И притоа најчудно од се' е кревањето раменици на претседателите на држави или на влади дека кризата ја предизвикале алчни или многу алчни менаџери, берзански шпекуланти и друга „неморална братија“. Моја намера воопшто не е да „откривам топла вода“, но, политиката и политичарите, колку и да сакаат да се извлекуваат, не можат на тоа да се вадат. Инаку, не би се ангажирале толку да изигруваат пожарникари на кризата, која ниту од далеку не е совладана, па од „резервите“ – ч��тај од парите на даночните обврзници – да ги спасуваат банките и големите фирми со неверојатни купишта пари. Оваа криза особено придонесе за дополнителната ерозија на довербата во политиката, зашто никој со здрава логика не може оваа „бранша“ да ја оддели од бизнисот. И, токму во таква атмосфера, на еден брилијантен германски комичар и кабаретист на ум му падна идеја да се „кандидира“.



Кабарето кај нас, за разлика од Германија каде што е дел од вкупната јавност која не дреме, нема некоја традиција, освен поединечните обиди на почитуваниот Иван Карадак, кои не паднаа на плодна почва, па можно е да се помисли дека феноменот „Хорст Шлемер“ е мајтап без последици. Но, ако се има предвид колку сериозно се разбира оваа „несериозна“ бранша во Германија, тогаш ќе биде јасно дека и кај политичарите има влијание. Ако не беше така, германската владина кампања „Ти си Германија“, што ја имитиравме и овде, можеби ќе доживееше успех. Да не беше јавноста што ја дочека на нож неприфаќајќи популизам од таков тип, во чии спотови беа впрегнати ѕвезди како Борис Бекер, или Франц Бекенбауер, или Михаел Шумахер... Еден, исто така, познат кабаретист, Михаел Митермаер, пред публиката присутна на едно негово шоу пренесувано на ТВ – тие се толку посетени и популарни на што политичарите можат само да им завидуваат – јавно ги праша оние што со прст му велеа „Du bist Deutschland“: „Зошто токму јас? Па, не сум направил ништо лошо!“, по што кампањата беше доведена до апсурд и полека замре заедно со потрошените три милиони евра. Во Германија владата е должна да обнароди колку пари троши за сите намени!

Значи, да се вратам на спомнатиот феномен „Хорст Шлемер“. Зад овој „лик на новинар од мал провинциски весник“ се крие исклучително познатиот кабаретист, комичар, но и писател-патописец, Хапе Керкелинг. Како што јавуваат германските медиуми, меѓу нив и радио Дојче веле, овој „тип“ почна своја предизборна кампања за сојузните парламентарни избори во Германија што ќе се одржат на 27 септември. Како што коментира Дојче веле: „Два феномена ги оптоваруваат партиите во предизборната кампања: светската финансиска криза и хумористичниот божем-политичар Хорст Шлемер. Големата криза ги парализира реалните политичари. Кој воопшто сака да ветува нешто во вакви бурни времиња... Со оглед на димензиите на економската криза дури и најхрабрите политичари станаа плашливи. Канцеларката Ангела Меркел молчи, а опозицијата и натаму ја бара својата изборна тема. Владее здодевност. Наспроти тоа на, во моментов, најпопуларната фиктивна личност ’Хорст Шлемер‘ не му е потребна тема. Тој самиот е тоа... Тој би ја добил довербата на 18 проценти германски избирачи доколку би настапил на изборите на 27 септември. Зад неговиот лик стои комичарот Хапе Керкелинг и веќе со недели се наоѓа во паралелна предизборна кампања. Од неодамна во кино-салите се прикажува неговиот филм-сатира ’Се кандидирам‘... Тој не нуди алтернативни предлози. Напротив, неговата партија е ’конзервативна, либерална, левичарска и се'‘. Бара бесплатни посети на солариум за сите! Тоа што звучи како шега, всушност, е отсликување на реалната политика. Партиите и политичарите имаат проблем со веродостојноста и затоа граѓаните им го вртат грбот во изборната кампања и се освежуваат со шлемеровата сатира на реалноста. На Интернет-порталот ’Фејсбук‘, Хорст Шлемер во меѓувреме има повеќе приврзаници од германската канцеларка. За тоа треба да се размисли...“.



Ваквите коментари, всушност, не се реткост, ниту, пак, исклучок. Германските аналитичари, конкретно последниве години, предупредуваат на презаситеноста на граѓаните од политиката и од нејзините дејци, особено на фактот дека во оваа „професија“ влегуваат просечни луѓе, кои во други би биле тотални анонимуси и веројатно не би имале ниту успех, а секако не толкаво влијание и моќ. Но, затоа ги „бива“ за лакатање во партиските коридори, за понизност пред „шефовите“ и за чекање пригода и сопствени „пет минути“ во „кариерата“. Во стилот на афоризмот на Станислав Јежи Лец: „Јас сум убав, јас сум силен, јас сум мудар, јас сум добар. И сето тоа, ЈАС го открив!“

Баш би било добро и во Скопје да има кабаре... Или доволен ни е сегашниов циркус „Фантастикус“?

(Авторот е новинар)

 


#
Статијата е прочитана 1279 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Насловна
Хигиена, ами како
Изборите во Грција ја релаксираа Владата во Скопје
Зденко
За влез во ЕУ моравме да се смениме
Михаил Ренџов втор пат ја доби наградата „Григор Прличев“
Обединета власт за расцепканата опозиција
Јанкуловска го испитува ресорот на Јанакиески
Под Бурмали-џамија немало црква
Станавме ли полнолетни?
Отфрена иницијативата за референдум за црквата
Премиерот се оградува од Груев и од Делчев
Цело е кога има тројца
Во Македонија нема алтернативни патишта