Мислења
Промашена деценија (2)
Јосиф Ќурчиев
Состојбата во Македонија во првата деценија од новиот милениум потсетува на „Тркало на среќата“, а најчесто завршува на полето „Загубено вртење“
БЕЗ РАКАВИЦИ
Мислам дека имам доволна причина да си се пофалам. Зашто во првото продолжение од овој текст пред две недели предвидов дека политичарите што ги водат денес државите во светот ќе излезат со енормно позитивни оцени за својата работа во изминатата година, подеднакво како што го направија оние тоа што беа на тие функции пред десет години кога влеговме во новиот милениум. Нема многу да должам: два дена откако го предадов текстот, американскиот претседател Барак Обама, задоволен од исходот на новиот САЛТ договор со Русија, кој ги мина д��мократските процедури во неговата земја, тоа го прегрна како можност за поширок осврт врз состојбите во неговата земја, но и на меѓународен план, за да изјави дека САД постигнале позитивни резултати какви што немало со децении. Слично како и Бил Клинтон пред една деценија. О.К. Нема да коментирам.
Каде е Република Македонија во изминативе десет години? Кога се обидувам да одговорам на ова ни малку лесно прашање, на памет ми паѓа забавната игра „Тркало на среќата“ како можен репер за споредба. Притоа ми се чини дека во овие години најчесто нашето „силно завртување“ завршуваше на полето „загубено вртење“. Освоеното ни останува, ама редот да врти е кај следниот и тој на крајот ја погодува сложувалката и ја освојува наградата. Еве, ќе се обидам да илустрирам и притоа ќе ги посочам само најзначајните етапи, зашто деталите веќе се соопштени во други медиуми: Нам, имено, први од сите земји на Западен Балкан ни успеа да ја потпишеме фамозната Спогодба за стабилизација и асоцијација со ЕУ, во април 2001 година, но затоа во истата година, нешто подоцна, започна воен судир кој до денес нема конечна и прецизна оценка за тоа што вистина се случи. Потоа дојде таканаречената меѓународна заедница (адресата на оваа „организација“ до денес не ми е позната) за да удри по маса и да ги суреди домашните за да го прифатат Охридскиот рамковен договор. Полека состојбите добиваа смирувачки тек, за набргу да се најдеме како „лидери“ во Јадранската група кандидати за членство во НАТО на која и’ кумуваше САД со потпишувањето да договорот во Тирана под будното око на Колин Пауел. Но, во Букурешт, нашето тркало застана на „загубено вртење“, па Хрватска и Албанија ја однесоа премијата, а нам ни останаа „отворени вратите“. Околностите поради кои се случи тоа фијаско на јавноста се' уште не и' се познати во детали, па можеби некој од членовите на нашата делегација во некои идни мемоари чисто и без воздржување ќе ни ги соопшти. Нејсе.
Следното значајно „вртење“ беше добивањето позитивен извештај од Европската комисија која не прогласи за кандидат за членка на Унијата, зашто и на тој план на напори за интегрирање бевме „лидери“ на Западниот Балкан. И, за волја на вистината, беше запнато да се постигнат разни рекорди во усвојување закони во парламентот. Незапаметено дури и во многу развиени демократии. (Можеби затоа се развиени, зашто дебатираат и одат чекор по чекор?). Потоа стигна уште една премија при вртењето на „Тркалото на среќата“: Европската комисија препорача почеток на преговори за членство, ама не определи датум. И уште еднаш, зашто добивме „слободно вртење“, но уште еднаш без датум. „Тркалото“ го презедоа други од нашата околина и по се’ судејќи ќе ја решат „сложувалката“ пред нас и ќе ја однесат премијата, влегувајќи во „финалето“. И тука нема да ни помогне никаква „протекција“ од Игор или Натали, зашто „Тркалото“ се врти јавно – со извештаи за постигнатото. И, да речеме дека ова е она постигнато на меѓународен план. Повеќе позитивно и помалку негативно, а сепак...Нашата приказна е како онаа на рибарите. Чуварката речиси празна, но нашите риби се најголемите. Особено во понеделниците. За време на викендот сме фатиле некоја плашка или кркушка, а во приказните тие стануваат големи кленови и по некој шаран!
А, дома? Со што можеме да се пофалиме дома? Во изминативе десет години никако да ни тргне. Добро, го избегнувавме полето „банкрот“, но не „биеше баксуз“ и постојано го губевме вртењето. Како капак, се појави и глобална финансиска и економска криза...Во таа декада, вели еден мој пријател, Србија една година пред милениумот доживеа да ја бомбардираат, Босна и Херцеговина никако да се одлепи од протекторатсво, Црна Гора одвај се откачи од српскиот камен околу вратот, а сепак, сите имаат повисок просек плати од нас и богами итаат со големи чекори кон Брисел... Не одрекувам дека устите на нашите политичари не им се полни со НАТО и Европската унија, но не можам да се одвојам од впечатокот дека тие не го сакаат тоа. Барем не во овој период. Вам не треба да ви повторувам зошто: таму владеат строги правила и методи за контрола. Не дека „таму“ нема шмекерлуци или криминал, ама грешниците ги фаќаат и ги носат пред суд, пред функционирачки независен правен систем што ние, за жал, се’ уште го немаме. Или така само вели Европската комисија???
Всушност, што е она што најмногу ни недостига? Мислам дека тоа е демократијата, суштинската демократија, за која досегашните генерации политичари покажаа низок ментален капацитет и недостиг на гол��ма цела. Во подолгиот текст за предизвиците на Европа во 21 век, една грандиозна политичко-публицистичка-мислечка личност каква што е поранешниот германски канцелар Хелмут Шмит, е запишано:
„Кризите меѓу одделни земји-членки (на ЕУ. м.з.) можат да бидат решени со одлагање или со компромис, но, за жал, и со погрешни компромиси на штета на иднината. Оној што во одделни случаи може навреме да препознае или да почувствува тешка криза и во таков случај, да ја смири или да ја заобиколи преку навремени недраматични отстапки или оној што веќе настанатата криза ја надминува преку конструктивен компромис, тој може да биде наречен ДРЖАВНИК – под претпоставка да не ги губи од пред очи или да ги загрозува големите цели“.
Дали во изминатава декада можеме да препознаеме таква личност, или неколку, кај нас? (За оние во светот често сум се изјаснувал – дека во совремиево ги нема). Жал ми е што можеби ќе звучи грубо, но некој рекол дека од родениот како кромид (со сета почит кон кромидот како здрав зеленчук), не може да процути роза. А, најискрено посакувам барем два-тројца да ме демантираат... Во 2011, која ќе била година на тешки одлуки...
Затоа, пак, воопшто не треба да чуди кога речиси половината млади, според анкета направена пред крајот на деценијава, по завршувањето на школувањето, би ја напуштиле Република Македонија. Но, кој се загрижи од таа анкета, освен што беше проследена со бледи анкетички на некои ТВ? Дали се одржаа тркалезни маси, дали се влезе во суштината на разочараноста на младите на кои денес никој не може со инка да им натура мислење, дали воопшто некој разговара со нив, дали воопшто овој болен феномен некого потресе, освен можеби родителите, иако и тие се' почесто ги охрабруваат своите деца на таков чекор? Е, па, ако сакате и од тоа се гледа „постигнатото“ во изминатава деценија, но и сета ароганција на „водечките елити“... Да, да... „Тркалото на среќата“ многумина млади посакуваат да им запре токму на тоа поле: „Заминување во странство“. Тие не се појавуваат кај Игор и Натали. Тие работат да си обезбедат билет во еден правец. Од нив, веројатно, ќе процутат рози, но не овде...
(Aвторот е новнар) |