Бадник во Мала Речица по една деценија
Вековната традиција ќе се одбележи со сечење бадниково дрво од коријата над манастирскиот комплекс
Гојко Ефтоски
ТЕТОВО - По цели десет години, на Бадник, дворот на манастирот „Св. Ѓорѓи“ во тетовска Мала Речица повторно ќе се наполни со православни верници. Вековната традиција ќе се одбележи со сечење бадниково дрво од коријата над манастирскиот комплекс. По палењето на дрвото, ќе се избере кум за наредната година. Овие обичаи беа прекинати во 2001 година кога на 8 декември беше запалена манастирската црква, а ден потоа до темел изгореа конакот, кујната, игуменската соба. Овој значаен споменик на културата од највисок ранг остана без десетина икони од 17 век, иконостас, дрвени царски двери изработени во резба. Во пожарот изгореа крстот на Христовото распетие �� резбарената северна врата, Московската типографија од 1680 година, Антиминс и 12 минеи. Изземајќи ги историските, културните и уметничките вредности, материјалната штета се процени на околу 230 илјади евра.
„Почна обновувањето на црквата. Новоградбата никнува на старите темели на изгорениот објект. Очекуваме во текот на оваа година црквата со камбанаријата да биде целосно изградена, осветена и предадена на користење на православните верници“, вели членот на Иницијативниот одбор, Будимир Апостолски. Тој вели дека само за карабина на црквата и за камбанаријата ќе бидат потрошени околу 24.000 евра. Потоа ќе следува опремувањето. „Овој финансиски дел е затворен од донации на фирми и поединци. Освен православни верници, дародавци беа и Албанци, Турци и Роми. Очекуваме поддршка и од нашите иселеници, но и помасовен одѕив од жителите на Полошкиот регион и пошироко“, додава Апостолски. Тој самиот го изработува иконостасот за новата црква. Целиот локалитет етапно ќе се обновува. По црквата и камбанаријата, ќе се градат трпезарија и конаци, а подоцна и уредување на дворот.
Како што информира Никола Јовановски, претседател на Иницијативниот одбор, градежните зафати се одвиваат според прописите, но и со разбирање на месното население во Мала Речица од албанска припадност. „Остваривме контакти со Месната заедница, потоа со тетовското муфтивство, со ИВЗ и со градоначалникот. Ги консултиравме и политичките партии. Откако постигнавме целосна согласност, презедовме акција за изработка на проекти и изградба на изгорените објекти. За се' навреме ги известивме и претставниците на меѓународната заедница. Добивме согласност и од Националниот конзерваторски центар. Сето тоа беше поттик најсериозно да се зафатиме со реализација“, објасни Никола Јовановски.
Црквата во манастирот „Св. Ѓорѓи великомаченик-победоносец“ била подигната во 13 век, а изградена на темели од шестиот век. Поради огромната вредност на се' што е вградено, фрескоживописано и опремено, локалитетот бил прогласен за споменик на културата и историјата, а ставен под заштита на државата.
Записите кажуваат дека за време на Отоманското Царство црквата била во два наврата уништена и обновувана. Според истражувањата на археологот д-р Петар Миљковиќ, при ископувањата во 1920 година биле пронајдени ѕидовите на старата црква, која во 1931 година по трет пат била обновена, како и остатоци од фрески што се сместени во тогашниот Републички завод за заштита на спомениците на културата. Во црквата „Света Богородица“ во Тетово од тие времиња е зачуван голем метален крст, полуизгорена книга за богослужба и мермерна плоча. Кога во 1931 година семејството Митрушевски од Тетово се зафатило со обнова на манастирот, бил пронајден полукружен олтар од камења и мала икона посветена на свети Ѓорѓи за која се верува дека потекнувала од 1450 година. |