Женски муабети
Kај и да си,за Бадник дома да си
Елизабета Канческа-Милевска
Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, зборува за празниците, за традицијата и за својата карактеристика на воркохоличар
Валентина Тодоровска
Интервјуто со министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска го правевме во екот на новогодишните празници и не можевме да не забележиме дека нашата соговорничка ужива во целата еуфорија. Честитки, желби за бериќетна 2011 година, навистина и' измамуваат насмевки на нашата соговорничка, која ни рече дека и Нова година и Бадник и' се многу важни празници, особено што меѓу нив, на 2 јануари, сместен е роденденот на нејзиниот сега веќе 13-годишен син Јаков.
„Крајот на декември и почетокот на јануари навистина се посебна приказна“, вели Елизабета. „Го сакам актуелното расположение што го има кај луѓето, поолабавени се, подготвени на симболичен начин да се испратат со старата, а среќно да ја дочекаат Новата година, внимателно си честитаат и си посакуваат убави работи. Ме трогнува што секоја здравица и секоја честитка на прво место го става здравјето. Бадник е нешто што го почитувам откако знам за традицијата - не' будат коледарчиња, а вечерта во типична семејна топла приказна сите се заедно седнуваме на посната трпеза. Бидејќи живеам со родителите, мајка ми и овој Бадник ќе направи посен грав, посни сармички, на нашата трпеза ќе има и тиква, јаткести плодови, домашно лепче со париче. Минатата година јас бев касметлија, мене ми падна паричето, а вечерва ќе видиме кого ќе го следи среќата“, беше воведот што го имавме со министерката.
Во кратката „лична карта“ Елизабета ни откри дека е дружељубива и отворена. Подготвена да слушне и да види луѓе, да поразговара со секого. Откако е министерка за култура, анонимноста веќе ја нема, а луѓето се љубопитни, сакаат да ја застанат, да прашаат, да констатираат, а кога е приемен ден во Министерството, императив се гостите. Меѓусебната почит за Елизабета е значајна категорија, а функциите се минливите нешта во кариерата.
Во животот на нашата министерка, слично како во сториите на многумина, одредени луѓе влијаеле врз нејзиното формирање. Една од нив е Ратка Димитрова, личност што Елизабета многу ја почитува, жена со која задоволство и' беа и разговорите и слушањето. Во професионалната биографија на Милеска е забележан Филозофскиот факултет, отсек- социологија, магистратура, потоа шеф на кабинетот на министерот Димитар Димитров, советник на министерот Љубен Пауновски, државен секретар, и од 2008 министерка за култура во Владата на Република Македонија.
„Темпераментна личност сум, ама пред се' - воркохоличар. Никогаш и никаде не бегам од обврските и си ги почитувам зададените агенди. И кога така без воздршка се даваш, мора да постои жртва. Секогаш трпи другата страна, во мојот случај - семејството. И најискрено ќе кажам, да ја немав поддршката од мојот сопруг, од родителите, не верувам дека ќе се зафатев. Ја сакам работата и одговорна сум, тоа се очекувањата на луѓето и сакам да им се посветам максимално. Мојот син беше бебе кога почнав да работам, имаше 7 месеци кога го оставив на чување и како што растеше, не ме викаше ’мамо’, туку по име - Бети“.
Нашата соговорничка е Рак во хороскоп, па дури и да сте неверен Томо во однос на астрологијата, ќе ве изненади совпаѓањето на овој воден знак со карактеристиките на Елизабета - врзаноста за домот и остварувањето преку мајчинството.
„Бидејќи слободното време ми е лимитирано, некои владини седници траат до доцна навечер, секој момент ми е вреден како чисто злато и тогаш целосно му се препуштам на семејството. Уживам и јас и сите околу мене - сопругот, синот, родителите... Со Јаков сме на иста бранова должина, го сметам за големо момче што има другарски однос со мајка му. Мислам дека поради него ја засакав и техно-музиката. Каква мајка сум? Мислам - строга, понекогаш помислувам дека многу барам, но не можам да се ослободам од старата добра мисла дека работните навики се создаваат во детството, а потоа само се негуваат“.
Кога сте на ваква позиција, мислењето на Елизабета е слично со сите успешни жени дека навистина е најважно да имате некој што ќе помогне и во таа насока. Да даде поддршка, да намигне кога е напнато, да разбере што значи - да се нема работно време. Сопругот Красимир тука ја има најзначајната позиција - не само што ги разбира нејзините обврски туку знае да приготви нешто вкусно за својата жена. Тој е гурман, а кога се во прашање тестенини, спојувањето на мирудии и зарзавати, салати - му нема рамен. И покрај тоа што Елизабета видливо не е многу по јадењето (ама мора да има нешто благо), нема шанси да не проба од гурманлуците на својот човек.
Колку што Красимир сака да приготви нешто вкусно, толку неговата понежна половина сака дома да е се' под конец. Не и' е тешко да си украде од сонот и додека сите спијат, да направи ред низ дома.
„Така ние си се надополнуваме. И по толку години заеднички живот, ја чувствувам хармонијата меѓу нас, а така беше секогаш - кога се запознавме не ни требаше многу време за да сфатиме дека си одговараме. Се забавувавме 5 месеци и решивме дека би било убаво да го делиме животот натаму. За мене романтика е убаво чувство, без некои тривијални сензации. Па нели во денешно време сензација е заедништвото!“
А дел од драгата заедница се и нејзините родители со кои е многу врзана. Тие се тука и да исфалат и да искритикуваат, особено татко и', кој постојано и' повторува да не ги заборави луѓето, да најде макар половина час да испие кафе со некој што има потреба од неа...
Во светите нешта што го прават животот поубав, нашата соговорничка ги има пријателствата, а во нејзиниот круг се наоѓаат луѓе со кои може да напише заедничка историја. Лиле и Светле, на пример, и се другарки уште од основното училиште, и ниту еден роденден не поминува без нив. На тие пријателства со долг стаж се надоврзувале и луѓе од факултетот, работата.... Патем, за трајноста на пријателството, важно е да се тргнат розовите очила, а наместо нив, да се ставаат оние што не ја кријат вистината. Нејзините луѓе ја познаваат до ситници, па така го знаеја и фактот дека ќе се разнежи од роденденското изненадување - пред две години во Охрид, со торта, многу балони и нивни еруптивни насмевки..
Оние што со хероината на нашиот текст се на „ти“, знаат дека слабоста кон убава гардероба е работа на која внимава откако знае за себе.
„Од малечка сум таква“, се смее Елизабета. „И кога одев на забар, морав попатно да купам нешто, тоа е вродено и трае со години. А за првиот чекор ми е најважно да си се бендисам самата на себеси. Порано имав и време да внимавам на секој детаљ, не излегував од дома ако не ми се усогласени обетките, со прстените или со некој друг детаљ. Инаку, сакам и пантолони и фустани во сите бои, со тоа што најубаво ми стојат светлите нијанси. Кога носам бела боја, бидејќи имам потемен тен, некако се' доаѓа до израз. Накитот е задолжителен, сакам да создадам убава целина. За косата е задолжен фризер а на козметичар - не одам“.
Тоа е врзано за надворешноста. Инаку од активностите и интересите со кои си ги полни батериите, Елизабета подеднакво ги сака и театарот и филмот. Меѓу Чехов и Шекспир, без двоумење го одбира вториот, а за филмската уметност, за да ја привлече, најважно и' е кој ги има главните рољи. Роберт де Ниро, Џек Николсон, Џулија Робертс, се првиот ред од нејзините омилени ликови.
Инаку, не треба многу интуиција за да се разбере дека нашата министерка има посебен пиетет и почитување кон ументиците, сеедно од која бранша се.
„Тие се навистина посебни луѓе, хиперсензитивни, полни со идеи, пребогати со фантазија. Нашето богатство. Затоа и сакам да помогнам. Сето она што го правиме моментално, културниот идентитет на Македонија, е дело на уметниците, имаме што да покажеме и на што да бидеме горди. Тоа е дел од убавите работи што мене ми ги донесе политиката“.
А во помалку убавите нешта Елизабета ги смета критиките без аргументи. Тоа секогаш ја разочарува зашто е човек што прифаќа сугестии, а тие и помагаат да се коригира.
Во многуте муабети што ги имавме со министерката едно пријатно попладне незаобиколни беа оние за мијачките корени на нашата домаќинка и за тоа колку е убава Македонија. На секое доаѓање на странска делегација, таа внимателно ја брани нашата гостопримливост.
„Кога се има време, навистина сакам да видат колку ни е убава земјата, сакам да ја видат Спомен-куќата на Мајка Тереза, ’Пантелемон’, балканскиот Ерусалим - Охрид, па Плаошник, Стоби ... И задолжителни се традиционалните специјалитети - ајвар, пинџур, разни пити, пастрмајлии, убавите вина што во себе го имаат впиено целото сонце на југот“.
Зимата на големо си го покажува своето лице, ама ние во женските муабети не ги скокнавме летата. Одморите се вистински празници за семејството, денови што се поцртуваат со црвено, за кои се мечтае и се смислува нешто интересно. Министерката ни ја спомна автомобилската маршрута до Нови Сад, Љубљана и Венеција. Тројката навистина уживаше, така сплотени прилегаа на весело друштво што знае да го цени моментот.
Доколку сте за чиста математика, тогаш знаете дека до лето не делат шест месеци што е доволно време да се осмислат новите заеднички приказни што ќе ги полнат албумите на семејството Милевски. |