Фељтон
Кузман Јосифовски-Питу архитектот на македонската држава (3)
Шивачки дуќан - собиралиште на народните херои
Виктор Цветаноски
Во Белград, во дуќанот на Коста Циривири се собирале Питу, Мирче Ацев, Борка Талески, Тарцан, а често навраќал и Коста Рацин
Студентските денови во Белград за Кузман Јосифовски – Питу биле неговото револуционерно крштевање. Тој станува еден од главните организатори на протестите што ги организирале белградските студенти против власта на Кралска Југославија.
Илија Циривири, брат на народниот херој Вера Циривири - Трена, иако тогаш бил многу млад, добро се сеќава на тие настани. Неговиот татко Коста во предвоените години работел како шивач во Белград, а неговиот дуќан станал центар и главно собиралиште за македонските студенти. Тука навраќале македонските народни херои и тука ги стекнувале првите искуства како да ја водат антифашистичката ослободителна борба во Македонија. Покрај Кузман, во шивачкиот дуќан на Коста доаѓале и Мирче Ацев, Страшо Пинџур, Борка Талески, Трајко Бошковски – Тарцан и други. Со татка си работела и Вера Циривири - Трена. Тука навраќал и големиот македонски поет Коста Рацин.
„Нашиот дуќан беше на ’Босанска улица‘ број 41, спроти Железничка станица. Беше голем, поделен на два дела. Во едниот дел беа поставени штици, а на нив послана слама. Кога ќе дојдеа некои студенти од Македонија тука спиеја. Во него се состануваше комитетот на Македонците, што го раководеше Кузман“, се сеќава Илија.
Семејството Циривири живеело во најмен стан, а нивни потстанари биле Кузман и Тарцан. „Често разговараа за политика, ама мене како дете многу не ме интересираше тоа. Мене ме интересираа само тепачките на Тарцан со полицијата за време на студентските демонстрации во Белград. Пред секои протести ќе ме испратеа крај Сава да им соберам камења. Ќе ја наполнев торбата што за таа прилика ми ја соши татко ми и ќе ја донесев во дуќанот. Ќе земеа по некој камен во џебовите и ќе заминеа. На протестите Македонците секогаш говореа на македонски јазик. Најголем оратор беше Борка Талески. Заедно со Коле Чашуле студираа медицина, но никогаш не дипломираа. Кога мајка ми ќе го прашаше Борка до каде е со медицината, ќе и' речеше ’тетко Васке од медицината ми остана само мантилот‘“, раскажува братот на народниот херој Вера Циривири – Трена.
Илија Циривири детаљно се сеќава на големите студентски демонстрации на белградска Славија, во декември 1939 година, кога Тарцан го спасил Кузман од полицијата. За време на митингот, кога Кузман се качил на говорницата, пристигнала полицијата, го уапсила и го сместила во комбе. Штом тоа го видел Тарцан ја грабнал пушката од еден полицаец, ги натерал џандарите да легнат на земја и заедно со Кузман се изгубиле меѓу толпата студенти.
По големите протести Македонците, околу триесетина, се собрале во дуќанот на Коста, многумина крвавеле по тепачките со полицијата. Демонстрациите ги организирал Кузман со помош на Мирче Ацев, Страшо Пинџур, Тарцан и други Македонци. Тие имале голем одек меѓу студентското и работничкото движење. Циривири вели дека во едни други демонстрации на Топчидер загинал македонскиот студент Петрушев од Гевгелија. Полицијата го застрелала додека држел говор. „Кузман не смееше слободно да се движи по белградските улици. За да не биде сомнителен ќе ме земеше мене за рака и ме носеше на училиште. Кога ќе ми завршеа часовите ме чекаше и ме враќаше дома“, раскажува Циривири.
Томе Буклевски - Маќули со Питу се запознал во средината на 1941 година кога доаѓал во Кичево за да ги организира тамошните комунисти. „На еден состанок ни рече дека треба да почнеме да работиме и со Албанците. За нас тоа беше големо изненадување, зашто тогаш Албанците се наоѓаа во голема еуфорија. Италијанците им создадоа голема Албанија, тие станаа газди во државата, се вееше нивното знаме, во училиштата се учеше на албански јазик, беа службеници на новата власт. Кузман ни објаснуваше дека е голема потребата и Албанците да се вклучат во движењето и затоа треба да ги придобиваме и нив. Ни предложи да формираме посебна комисија. Така, ние успеавме да придобиеме некои повидни албански фамилии и тие цело време беа со нас“, вели првоборецот Маќули.
Тој раскажува дека Кузман во тоа време одржувал контакти со некои видни Албанци, меѓу другите и со адвокатот Есад Доку од Струга, познат интелектуалец. Со Кузман се познавале од Белград, каде што заедно студирале. „Врз него, исто така, имаше извршено големо влијание, како и на нас. Можеби од него не создаде комунист, но направи човек кој беше подготвен за Кузман да стори се'. Кога одеше во Струга кај него престојуваше, кај него вадеше документи за Албанија. Во Кичево прв братучед на Есад Доку беше Мустафа Доку, кој во тоа време работеше како секретар на општината. Ако Кузман почувствуваше некаква опасност од власта престојуваше кај него дома, зашто нашите куќи не беа сигурни. И ние преку него обезбедувавме разни документи. Кузман и врз него имаше извршено големо влијание. Мустафа Доку по војната доби споменица, а Есад Доку стана член на Главниот одбор на Социјалистичкиот сојуз. Се пресели во Турција и за секоја годишнина од загинувањето на Кузман испраќаше телеграма“, се сеќава на тие денови Маќули.
Кога Маќули бил уапсен и одведен во затвор во Албанија се сретнал со некои борци од Гостивар, Маврово, од Тетово... Често тема на разговор бил Кузман за кого сите имале исклучително високо мислење. Кичевци го викале Стариот, Мавровци Таткото, тетовци Долгиот. Кузман убедил многумина познати македонски личности да се вклучат во движењето. На негова покана во партизани дошол и Ченто. Тој ги убедил и Киро Глигоров и Мане Чучков да се вклучат во движењето. На негова иницијатива Венко Марковски од Бугарија дошол во Македонија и се вклучил во отпорот.
„Кузман беше посветен на работата. Сите документи што се напишани од него ги имам прочитано и проанализирано. Внимателно ги разгледував летоците што ги пишуваше тој и што ги пишуваа другите. Има голема разлика меѓу оние на Кузман и на другите. Тие што не се напишани од него се полни со пароли на денот за да се мотивираат младите да заминат во партизани. Во тие на Кузман имаше многу повеќе од тоа. Тој ја подготвуваше македонската држава и имаше визија за неа. Беше преокупиран како ќе биде уредена и не' подготвуваше и нас да знаеме да работиме нешто за таа држава. Не бараше од нас само ентузијазам, туку и знаење и разум. Јас ги познавав добро речиси сите членови на Главниот штаб, бидејќи бев блиску до нив. Кузман отскокнуваше од сите. Тој се' уште не е заборавен од борците и од обичните луѓе во западна Македонија. Тоа што сегашната политика го заборава е друга работа“, вели Маќули, еден од малкуте живи македонски првоборци.
Според него, ако за македонскиот народ и нација големи личности на своето време се браќата Кирил и Методиј, Климент Охридски и Гоце Делчев, Кузман им е рамен на сите ним и е најголема личност на своето време. „Сите тие си имаат свое место во македонското минато, а Кузман, првиот човек на НОБ, не го има добиено вистинското значење. Она што се случува денеска кај нас го нема никаде. Ние се откажавме од еден период најважен од нашата историја. За време на подготовките на револуцијата и за време на самиот тек на НОБ, националното прашање беше чисто како солза, како никогаш дотогаш. Тоа го содржеше континуитетот на Илинден, беше формирана македонска војска, се создаде македонска држава. Сите песни во НОБ беа напишани во тој дух. Во сите нив се пееше за Илинден, за Гоце, Даме, Јане, Питу... Сега сами да си го негираме најкристално чистиот период на нашето минато, кога, всушност, ја зацврстивме нацијата и прв пат создадовме држава. Не е точно дека не' негираат само Грците, Бугарите, Србите... Самите ние се откажуваме од нешто што е свето. Јас сум сигурен во едно, по 40-50 години, кога ќе дојдат други луѓе кои ќе имаат поголема почит кон сопствената историја, НОБ и Кузман ќе го добијат вистинското значење, од причина што тие ќе им бидат потребни. Сегашната власт смета дека тие сега не им се потребни. НОБ не само што се минимизира, туку таа наша антифашистичка борба се брише. Тоа што не дојде ниту еден претставник од сегашната власт на годинашното одбележување на Февруарскиот поход и на годишнината од загинувањето на Кузман најдобро говори за целосното негирање на нашата борба. Сакаат да ни кажат дека ништо не сме направиле и дека од нив се' почнува“, заклучува револтирано Томе Буклевски - Маќули. |