Попов и Лазевски без Лига на шампиони
Динамо Киев и Партизан запрени, Тричковски со Апоел во плеј-офот
Македонските фудбалски репрезентативци Горан Попов и Александар Лазевски нема да играат во Лигата на шампионите наесен откако Динамо Киев и Партизан беа елиминирани во третото коло од квалификациите. Нивниот соиграч од националниот тим Иван Тричковски остана во игра, благодарение на пласманот на Апоел во плеј-офот.
Попов со киевски Динамо доживеа пораз и во реваншот со Рубин во Казан, каде што рускиот тим славеше со 2:1, а левиот бек на македонската репрезентација ги одигра сите 90 минути. Стрелци за Рубин беа Џаџун во 19 минута и Медведев во 88 мин., а почесниот гол за гостите од Украина го постигна Гусев во судиското надополнување. Рубин во Киев победи со 2:0.
Лазевски поради повреда го немаше ни во записникот од натпреварот со Генк во Белград, кој заврши нерешено 1:1, а Белгијците одат понатаму благодарејќи на победата од 2:1 во првиот меч. Партизан поведе преку Томиќ во 40 минута, а израмни Фосен од пенал во 57 мин., откако Милковиќ играше со рака во својот шеснаесетник.
Напаѓачот Иван Тричковски одигра 84 минути од реваншот со Слован во Братислава, кој Апоел го доби со 2:0, и повеќе од доволно за пробив во разигрувањето по дуелот без голови на Кипар. Победата на Апоел му ја донесоа Аилтон во 58 мин. и Мандука во судиското продолжение.
МАЛМЕ ГО ДОКРАЈЧИ РЕНЏЕРС
Резултати од третото квалификациско коло за ЛШ: Рубин - Динамо Киев 2:1 (2:0 прв меч), Малме - Глазгов Ренџерс 1:1 (1:0), Васлуи - Твенте 0:0 (0:2), Слован Братислава - Апоел 0:2 (0:0), Плзен - Розенборг 3:2 (1:0), Цирих - Стандард 1:0 (1:1), Висла - Литекс 3:1 (2:1), Штурм - Зестафони 1:0 (1:1), Марибор - Макаби Хаифа 1:1 (1:2), Динамо Загреб - Хелсинки 1:0 (2:1), Партизан - Генк 1:1 (1:2), Трабзонспор - Бенфика 1:1 (0:2), Бате Борисов - Екранас 3:1 (0:0), Шамрок роверс - Копенхаген 0:2 (0:1), Панатинаикос - Одензе 3:4 (1:1). |