ФФМ ќе инкасира до 300.000 евра од ТВ-права
Вкупниот приход од квалификациите за СП 2014 хипотетички може да достигне еден милион евра
Сашко Ѓ. Димовски
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ќе инкасира меѓу 250.000 и 300.000 евра од телевизиските права за петте меча на домашен терен во квалификациите за Светското првенство во Бразил во 2014 година. Групата на нерасчистени сметки, како што ја нарекуваат во некои хрватски интернет портали, нема звуч��о име што носи многу финансии по таа основа, како Италија, Германија, Шпанија, Англија, па најдоходовна во мундијалската А-конкуренција е Шкотска. Првичните и неофицијални проценки говорат дека Шкотланѓаните ќе слеат речиси три пати повеќе пари во касата на ФФМ отколку Хрватска од првиот сад и Србија од вториот и речиси четири пати повеќе од Белгија од третиот сад и од Велс од садот со најслабо рангирани селекции. Со бројки, поединечно за секоја од нив, засега не се лицитира. „Конечната сума ќе се движи некаде околу 300.000 евра“, велат во македонската куќа на фудбалот.
Во сумата не се вкалкулирани приходите од продажбата на влезниците за мечевите во Скопје. Без сомнение дека Хрватите и Србите ќе го наполнат „Филип Втори“ (капацитет околу 32,600 седишта), па само за тие две средби ФФМ, хипотетички, ќе заработи уште околу 390.000 евра (под претпоставка на трибините да има по 30.000 гледачи, просечната цена на билетот да биде 6,5 евра, значи 195.000 евра по натпревар). Во зависност од резултатите низ циклусот, националниот тим ќе има солидна посетеност и во дуелите со Белгија, Шкотска и Велс. За нив ќе сметаме дека ќе привлечат 20.000 љубители на фудбалската игра, кои би издвоиле по пет евра во просек, што на ФФМ ќе и' донесат 100.000 евра по меч, односно 300.000 за сите три вкупно. Кога кон нив ќе се додадат и оние 300.000 евра од ТВ-правата плус 400.000 евра од влезниците за Хрватска и Србија, тогаш грубата пресметка говори дека ФФМ ќе обезбеди околу еден милион евра од циклусот за СП 2014, сума која е за, речиси, два и пол пати помала од онаа што ја носат само ТВ-правата за селекциите на Германија, Шпанија, Италија и Англија, па и Франција.
До крајот на годината ќе се одржи и состанок на претставниците на земјите-учеснички во А-групата, на кој ќе се утврди „возниот ред“ на натпреварите. Домаќин ќе биде Белгија, собирот ќе биде во Брисел, а точниот датум ќе биде дополнително познат. Белгијците уште по ждрепката во Рио де Жанеиро во саботата иницирале средба на 23 август во нивниот главен град, но таа била одбиена од останатите делегации, со образложение дека е рано за такво нешто (стартот на квалификациите за СП 2014 почнува дури во октомври в година и ќе трае до ноември 2013). Згора на тоа, Македонија се' уште е без селектор, кој би го договарал натпреварувачкиот распоред, а сите останати наши ривали во групата го немаат тој проблем. |