Косово ги скара Словенците и Србите
Домаќинот на кошаркарскиот турнир „Екс Ју“, на кој ќе игра и Македонија го смени плакатот на кој Србија беше претставена без косовската територија
Наум Котевски
Жешката тема Косово, која повторно зоврива по последните немири во неговиот северен дел, од политичката маса се префрли и на спортската сцена. Во салата „Стожице“ во Љубљана од утре до 9 август ќе се одржи силниот кошаркарски турнир меѓу бившите ��угословенски републики. Но, рекламниот плакат за претстојните интересни дуели наместо да биде плакат на сплотување, иако на него пишува „Повторно заедно на паркетот“, се претвори во плакат на раздорот. Кошаркарскиот сојуз на Србија не можеше да помине преку првичниот изглед на плакатот, на кој Косово не е дел од Србија, односно, како што велат од највисоката кошаркарска институција на северниот сосед, тоа беше отцепено од нивната територија.
Брошурата со ваквиот голем кикс според Србите, кој е брза контра на ударниот слоган на навивачите на српските клубови и репрезентации „Косово е срцето на Србија“, стигна во Федерацијата уште пред две недели. Оттаму веднаш реагираа, спуштајќи ја топката на земја и велејќи дека „веројатно станува збор за случаен гаф на словенечките колеги“. Потоа стигна извинување од другата страна и ветување дека пропустот ќе биде исправен во најкраток рок.
Речено-сторено. Отпечатена е нова брошура и плакат со ново „креативно“ идејно решение, односно со мапа на која кошаркарската топка сега го покрива Косово, но истовремено и поголем дел од Македонија и од Црна Гора. Словенечките колеги добија материјал за шега, па некои од нив напишаа дека „овој компромис меѓу Словенија и Србија може да ги изнервира Македонија и Црна Гора, бидејќи баскетот покрива поголем дел од нивната територија“.
„Не сакавме еден убав настан да се претвори во нарушување на нашите односи. Контактиравме со Србите и ги направивме тие промени. Засега имаме коректни и пријателски односи и се надевам дека така и ќе продолжи“, изјави одговорниот за односи со јавноста во словенечката кошаркарска федерација, Анже Блажич.
Инаку, македонската репрезентација денеска треба да отпатува за Словенија, а првиот меч го игра против Босна и Херцеговина утре во 18,30 часот. Вториот е в недела против вториот партиципент во групата, Србија, во истиот термин. Во другата група се Хрватска, Црна Гора и домаќинот Словенија.
Сите шест репрезентации ќе учествуваат на претстојното Европско првенство во Литванија. Србија е во групата Б, Словенија во групата Д, а со нас во групата Ц се Хрватска, Црна Гора и БиХ.
Македонската репрезентација деновиве во салата „Борис Трајковски“ ја одработи и втората фаза од подготовките. Селекторот Марин Докузовски е среќен што на паркетот се појави и плејмејкерот на Монтепакси, Бо Лестер Мекејлеб, кој тренираше со останатите играчи.
Покрај Ристе Стефанов, кој поради повреда на стапалото ќе го пропушти и Евробаскетот, во Словенија нема да настапи ни Тодор Гечевски, кој ќе му се приклучи на тимот по враќањето во Скопје. |