Оптимизам на светските берзи
Њујорк - Голем бран со оптимизам ги зафати деновиве светските берзи откако двете најголеми американски банки објавија дека ја пребродиле кризата и остваруваат добивки.
Рекордните добивки на двете најголеми американски банки „Џи Пи Морган“ од 2,7 милијарди долари и „Голдман Сакс“ од три милијарди долари остварени во вториот квартал се смета за знак на стабилизација на американскиот банкарски сектор.
Добивката е многу поголема од очекувањата, бидејќи „Џи Пи Морган“ успеа да врати 25 милијарди долари државен заем, а „Голдман Сакс“ десет милијарди долари.
Третата по големина американска банка Сити груп, која доби финансиска помош од владата од 45 милијарди долари, успеа да оствари квартален профит од 2,3 милијарди долари.
Експертите, сепак, укажуваат на претпазливост, бидејќи вистинската слика ќе се добие откако и останатите големи американски банки, кои добија државна помош, ќе ги објават резултатите.
Тие предупредуваат дека групацијата „Си-Ај-Ти“, која е еден од најголемите кредитори на малите и на средните претпријатија, се наоѓа пред банкрот, додека Бенк оф Америка објави пад на добивката. (Макфакс) |