Бензините поевтини за 2,5 денари а дизелот за 3
Бензините од денес поевтинуваат за 2,5 денари, а дизел горивата за три, односно 3,5 денари за литар, одлучи вчера Регулаторната комисија за енергетика.
Со одлуката се врши намалување на рафинериските и на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 8,99, односно за 5,8 отсто. Новата цена на еуросупер-95 е 58 денари за литар, еуросупер-98 ќе се продава за 59 денари, еуросупер БС-95 за 59,50 денари, а еуросупер БС-98 за 61 денар за литар.
Малопродажните цени на еуродизел (Д-Е В) се намалуваат за три, а на екстралесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 3,5 денари за литар. Така, еуродизел (Д-Е В) ќе чини 46 денари, додека екстралесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) 34,50 денари за литар. Со одлуката на РКЕ, за 1,308, односно за 1,307 денари за килограм се намалуваат и малопродажните цени на мазутот М-2 и на мазутот М-1 НС. Мазутот М-2 ќе се продава за 23,099, а М-1 НС за 24,630 денари за килограм.
Како причина за намалување на цените од РКЕ ги истакнуваат за 9,89 отсто пониската просечна цена на суровата нафта на светскиот пазар во изминатиот 14-дневен период и за 0,11 отсто повисокиот курс на доларот. (Ек.Р.) |