Протест на Ромите од Средорек поради двете исчезнати деца
Стотина жители од кумановската населба бараат од полицијата да ја реши мистеријата околу исчезнувањето на децата
КУМАНОВО - Стотина Роми од кумановската населба „Средорек‘‘ вчера јавно протестираа пред Полициската станица и побараа поголема ефикасност од МВР за расчистување на мистеријата околу исчезнувањето на двете ромски деца, петгодишниот Дани Мемеди и четиригодишната Мирсада Хелдовиќ.
„И ние имаме право на слободен живот, бараме срцата на нашите деца слободно да чукаат. Да не легнуваме и да не стануваме со страв дека ќе ни исчезне детето. Пронајдете ги нашите две деца‘‘, извикуваа насобраните Роми пред Полициската станица.
Пред зградата на СВР Куманово, Ромите беа пречекани со вооружена група полицајци. „Ние дојдовме на мирен протест за да ви соопштиме дека не сме задоволни од вашата ефикасност, а не да правиме неред‘‘ извикуваа Ромите, фрлајќи цвеќе кон вооружените припадници на МВР.
„Родителите на двете исчезнати деца со право се огорчени и убедени се дека станува збор за трговија со луѓе, а не за давење на малечките Дани и Мирсада. Ваквото убедување од ден на ден се шири меѓу останатите Роми во Куманово. Мистеријата мора да се расчисти и во таа насока бараме поголема ефикасност од полицијата‘‘, вели Мерџан Демирали, еден од организаторите на вчерашниот протест на Ромите што го поддржуваат сите ромски политички партии и невладини организации од Куманово.
На собирот можеа да се слушнат забелешки од Ромите дека полицијата несериозно се однесува кон шпекулациите за можните киднапери на децата, особено кон фамозниот црн џип со бугарски регистарски таблички што честопати бил забележуван во близина на населбата. Таквото возило, наводно, е забележано и пред два дена кај основното училиште „Христијан Тодоровски-Карпош‘‘ во кое учат поголем број ромски деца.
За потсетување, петгодишниот Дани Мемеди исчезна од дворот на неговата семејна куќа сред бел ден на 29 март, а петнаесет дена подоцна и' се губи секаква трага и на четиригодишната Мирсада Хелдовиќ. Првите сомнежи беа дека децата се удавиле во најдојдената река Кумановка што минува низ средината на ромската населба, но по деталните претраги од страна на специјализирани екипи што не дадоа никаков резултат, се рашири паниката дека децата сигурно се киднапирани и веќе продадени.
Меѓу Ромите, категорички се отфрлаат шпекулациите дека родителите си ги продаваат децата. „Тој што пушта вакви грозни измислици, не знае дека за Ромите нема посвета работа од нивните деца и дека нема да продадат своја рожба за никаква пара‘‘, тврди постар жител на населбата Средорек, кој добро ги познава менталитетот и обичаите на Ромите. (Ст.Б.) |