Бруто платата ќе го скрати здравствениот фонд за 326 млн. евра
Според Славески, дефицитот во ФЗО во 2009 ќе биде 21 милион евра и ќе се покрива со пари од буџетот
Маја Томиќ
Воведувањето на системот на цела плата е така поставен што нема да има губитници, тврди Владата. Таа очекува дека тоа ќе профункционира без проблеми, бидејќи сите активности се одвиваат според предвидената динамика.
„Свесен сум дека оваа реформа не се прифаќа со раширени раце. Сакам да потсетам на скептицизмот, вклучувајќи го тука и ММФ, со кои беа дочекани воведувањето на ДДВ и на рамниот данок, но и на позитивните ефекти кои ги донесоа тие реформи на кус рок. Зошто истото да не се случи и со воведувањето на системот на цела плата? Зарем некој работодавец не сака помали трошоци, зарем некој работник не сака платени придонеси?“, праша министерот за финансии, Трајко Славески, на вчерашната прес-конференција за реформата „Цела плата“, која ќе се воведе од 1 јануари 2009 година. Експертската јавност деновиве побара одложување на воведувањето бруто- платата за одреден период, но Славески беше категоричен дека реформата ќе почне без оглед на се', а реакциите од експертите како да се од мало дете, кое ја моли мајката да не го носи на забар, но таа мора да го однесе.
Воведувањето на целата плата, или бруто-плата, како што е популарно во јавноста, ќе направи дефицит во Фондот за здравство, но Владата ќе интервенира со средства од буџетот во висина од 1,3 милијарди денари или 21 милион евра.
Наспроти ваквото излагање на Славески, министерот за здравство, Бујар Османи, рече дека, според извршените симулации, дефицитот во Фондот во 2009 година ќе биде 4,4 милијарди денари, во 2010 година - 7,4 милијарди, а во 2011 ќе изнесува 11 милијарди денари или вкупно 22,8 милијарди денари или 326 милиони евра.
Славески рече дека се надева оти дефицитот нема да трае многу долго, Владата ќе ја следи ситуацијата, ќе интервенира и ќе реагира соодветно и нема да дозволи Фондот да има недостиг на средства. Таа ќе му биде партнер на Фондот во финансирање услуги во комбинираниот модел на здравствена заштита за граѓаните. За разлика од состојбата со Фондот за здравство, Владата не очекува дефицит во пензискиот фонд и ветува редовни пензии, бидејќи со концептот на бруто-плата, ќе имало нови вработувања и поефикасно ќе се собирале средствата од наплатата на придонесите.
Инаку, концептот цела плата значи намалување и усогласување на основицата за плаќање придонеси, од сегашните 65 на 50 отсто од просечната плата. Социјалните придонеси ќе се намалуваат постепено, од 32 проценти во 2008, на 27,9 во 2009 г., потоа на 24,7 во 2010 г. и на 22 проценти во 2011 година. Надоместоците за храна и за превоз влегуваат во бруто-платата, а наместо досегашното плаќање придонеси и персонален данок на доход во повеќе институции, се воведува интегрирана наплата во УЈП, со што се олеснува административната процедура. Обврзник на плаќање на придонесите е работникот, но во негово име работодавецот ќе ги пресметува и уплатува овие давачки.
Правните субјекти ќе имаат поедноставна пресметка на придонесите и само со увид во еден закон ќе ги имаат сите информации за обврската за плаќање, пресметка и уплата на социјалните придонеси, објасни Славески. Со тоа ќе се избегнат досегашните злоупотреби и неплаќање на придонесите, а ќе се намали сивата економија и ќе се зголеми вработеноста. Како што рече Славески, новите софтвери за пресметка на целите плати, фирмите ќе ги добијат бесплатно.
Рекламите ќе чинат 400.000 евра
За кампањата што ќе ја спроведе Владата за новиот концепт, цела плата и чиста плата, или попозната како бруто-плата, државата ќе плати 400.000 евра. Во тие пари, како што појасни вчера портпаролот на Министерството за финансии Мартин Мартиновски, биле вклучени трошоците за обуките што се спроведуваат за правните субјекти, подготовката на веб-страницата и промотивните реклами и спотови, кои ќе се емитуваат на електронските и на пишаните медиуми. Оваа најава на нова владина кампања следува еден ден откако во одделни медиуми во земјава беше објавен старт на кампања за оптимизам и добри вредности, за која ќе се потроши, исто така, солидна сума буџетски средства. (М.Т.) |