Нов пад на каматата на НБМ
НБМ ја намали основната каматна стапка за 0,5 процентни поени, со што ја сведе на 4 отсто, но не попушта кај задолжителната резерва
Соња Маџовска
Се' поголемата веројатност да се постигне договор со ММФ ја намали каматата на благајничките записи, но засега нема на повидок и намалување на банкарските камати на кредитите, иако монетарците ги повикаа токму банките да интервенираат, а не централната банка.
Народна банка на Македонија вчера уште еднаш реши да ја намали основната каматна стапка за 0,5 процентни поени, со што ја сведе на 4 отсто, но и при ова дополнително релаксирање на монетарната политика, нема одлука за олабавување кај задолжителната резерва. Иако банките токму тука ја лоцираат причината зошто не ги намалуваат каматите на кредитите, сепак, гувернерот Петар Гошев не попушти кај задолжителната резерва. „Ние и натаму не мислиме да направиме промена во тој дел. Дали некогаш ќе направиме ќе зависи од процените. Може секој да има интерес, но не секоја институција работи во остварување на општиот интерес “, велат од НБМ. Банките и досега не ја следеа во чекор политиката на централната банка, и не ги поевтинуваа кредитите, иако НБМ изврши шест, со вчерашното седум, намалувања на основната камата во рок од една година.
Новото релаксирање доаѓа како предвесник на договорот меѓу ММФ и Владата. „Дополнителен позитивен елемент за поволниот амбиент за спроведување на монетарната политика е веројатноста Владата да постигне договор со ММФ за кредитна линија за претпазливост. Ваквиот аранжман оди во прилог на поголема сигурност околу обезбедување на потребното дополнително надворешно финансирање за наредната година и проекцијата на девизните резерви. Очекуваме намалувањето на каматната стапка да придонесе за понатамошно олеснување на пристапот до финансирање и со тоа за подинамична економска активност. И покрај релативно поволните макроекономски движења, НБМ останува свесна за ризиците околу макроекономското сценарио и продолжува внимателно да ги следи. Доколку тие започнат да се материјализираат, НБМ соодветно ќе реагира, заради одржување на стабилноста на девизниот курс и инфлацијата“, се вели во вчерашното соопштение од НБМ.
Оттаму велат дека можноста за натамошно релаксирање на монетарната политика произлегува и од поволните движења на девизниот пазар. Тоа значи дека и во овој период девизните резерви бележат раст и на 3 декември изнесуваа 1,698 милиони евра, обезбедувајќи 4,3 месеци покриеност на увозот за наредната година.
Од централната банка информираат дека во реалниот сектор, последните индикатори сигнализираат поголемо динамизирање на побарувачката и економскиот раст од претходно очекуваното. Сепак, НБМ констатира дека и покрај овие тенденции, растот е под потенцијалниот, а ваквата состојба се очекува да продолжи и наредната година. Заостанува и финансиската поддршка на реалниот сектор од страна на банките, при што кредитирањето бележи годишен раст од 8,6 отсто наспроти проекциите за раст од 9,4 отсто. Тоа значи дека тој ќе биде нешто помал од очекувањата. Засега инфлацијата е во проектираните рамки, но централната банка очекува нејзин раст, како резултат на увозните цени на храната и енергенсите. |