Работнички обезбеди двомеч со Одензе
Романтичарите го поразија Крусејдерс со 4:2 и се пласираа во 3. квалификациско коло за Лига Европа
Сашко Ѓ. Димовски
Работнички останува сам да ја брани честа на македонскиот клупски фудбал на стариот континент, нешто што го прави веќе неколку сезони наназад. Како освојувач на националниот куп „романтичарите“ во првото коло беа слободни, а во второто успеаја да го елиминираат Крусејдерс со вкупен резултат 5:3 и да се пласираат во третото квалификациско коло за Лига Европа. По ремито во Белфаст (1:1), составот на Стратев, кој мечот го следеше од Јужната трибина поради казната од УЕФА, славеше во реваншот на противникот од Северна Ирска со 4:2 и и' обезбеди барем малку радост на домашната јавност, а себе двомеч со Одензе. Бразилецот Филјо беше двоен стрелец за Работнички во четвртокот, поентираа уште Боби Божиновски и младиот Филип Петковски, Овенс и Донели погодија за гостите во меч во кој македонските фудбалски мохиканци во Европа пропуштија уште десетина прилики за гол. Победата на „романтичарите“ над Крусејдерс е единствена во осумте меча на четирите наши претставници во европските купови сезонава, а тие се единствените што и не загубија.
„Тактичките замисли што ги договаравме ги исполнивме. Задоволен сум од резултатот. Беше тешко да се игра во вакви, ќе речам, временски неприлики, но покажавме желба. Честитки за фудбалерите“, изјави Стратев по натпреварот.
Работнички рутински стигна до предност од 2:0 во првиот дел иако можеше на одмор да замине и со поголема залиха. Се изнапромашува Вандаир кој не успеа да ја погоди целта во 6, 23 и 37 минута, а прв се обиде и во вториот дел, во 46 минута, меѓутоа и тогаш не успеа. Водството, однесувањето на противникот, неговиот квалитет и амбиции и неподносливото време доведоа до мало опуштање во домашниот тим. Непотребно се повлече и им остави повеќе простор за игра на северноирците кои и покрај тропските временски услови трчаа по тревникот по долги ракави. Крусејдерс, сепак, успеа да го искористи 20 минутната „дремка“ на „романтичарите“ на тревникот и да намали на 2:1 во 71 минута. Тоа продуцира притисок од гледачите на Јужна во обид да ги „разбудат“ домашните со цел да не се дозволи сензација. Таквиот однос даде резултат. Работнички повторно додаде гас и со двата гола на Филјо и 19 годишниот Петковски ги отстрани сите дилеми. Конечните 4:2 беа дело на Донели со евро-гол.
„Задоволен сум од играта, но нецелосно. Треба да работиме на отстранување на грешките во одбрана, имавме пад во играта во второто полувреме. Тоа не смее да се повтори против Одензе. До мечот со Данците има цела недела, доволно време да направиме корекции, да прибереме информации, да се подготовиме. Сигурен сум дека ќе одиграме квалитетно“, вели Стратев, кој порача дека треба да се поработи и на дисциплината.
„Треба да сфатиме дека играме во Европа и да ги прифатиме европските трендови. Во двата меча со Крусејдерс добивме три црвени картони, двајца за фудбалери, еден за мене. Правилата на играта се строги и доследно се применуваат. Мора да внимаваме сите, па и јас“, самокритичен е Стратев.
Работнички веќе во четврток ќе го пречека Одензе во првиот меч од третото квалификациско коло. Реваншот е на 6/7 август во Данска.
Работнички - Крусејдерс 4:2
Полувреме: 2:0. Национална арена: „Филип Втори“. Гледачи: 2.000. Гл. судија: Радек Прихода. Помошници: Емил Убиас и Јири Јирик (сите тројца од Чешка). Ж. картони: Богатинов, Секуловски, Бојовиќ, Петковски (Работнички), Кејдел, МекКен, Рејни (Крусејдерс). Ц. картони: Петковски (Работнички). Стрелци: Боби Божиновски во 20 минута, Филјо во 35, 79 и Петковски во 84 минута за Работнички, Овенс во 71 минута и Донели во 90+3 за Крусејдерс.
Работнички: Богатинов, Ристов, В. Божиновски, Секуловски, Бојовиќ, Тодоровски, Глигоров, Б. Божиновски, Филјо (Муарем), Савиќ (Петковски), Вандаир (Да Силва). Тренер: Зефик Туш.
Крусејдерс: Кинан, МекКион, МекБрајд, Блек (Кејдел), Мегонан, МекКен, Доерти, Диксон, Донели, Мороу (Рејни), Меџи (Овенс). Тренер: Стивен Бакстер. |