Вилнев можеби повторно во Ф1, Вебер го продолжи договорот
Според германскиот „Спорт билд“ шампионот од 1997 година најави враќање како член на новиот УСФ1
„Вистина е дека се враќам во Формула 1“, ја цитира германскиот лист изјавата на канадскиот возач Жак Вилнев, меѓутоа, бившиот шампион во изјавата за авто-мото сајтот Ауто 123.ком ја демантираше приказната со Германците.
„Не е точно дека сум изјавил такво нешто. Никој не ме повикал од „Авто Билд“, како што не ме контактирале ниту од новата екипа УСФ1. Сопственикот на тимот, Питер Виндзор неодамна во Монако ми пријде и само ме праша како сум, ништо повеќе. Вистина е дека сакам да се вратам во Формула 1, но шансите за такво нешто се многу мали“, изјави Вилнев за споменатиот сајт. Канаѓанецот до титулата во 1997 година стигна како член на Вилијамс-Рено, а возеше и за БАР, Рено и Заубер. Откако ја напушти Формула 1, возеше во НАСКАР шампионатот, а два пати учествуваше и на трката 24 часа Ле Ман.
ВЕБЕР ГО ПРОДОЛЖИ ДОГОВОРОТ
Еден од најуспешните пилот во годинашнава сезона на Формула 1, Австралиецот Марк Вебер го продолжи договорот со тимот на Ред Бул на уште една година. Вебер, кој првата победа во кариерата ја оствари на 12 јули оваа година на трката за Големата награда на Германија, во Ред Бул ќе остане до крајот на 2010 година.
„Среќен сум во Ред Бул и драго ми што и идната година ќе возам за овој тим. Не очекува возбудлива завршница на првенството, а се радувам што ќе бидам дел од екипата која ќе креира ново возило РБ6 за идната сезона“, изјави Вебер кој е трет во генералниот пласман со 45,5 бода. |