Нов почеток за Ромите во Европа
„Доста“ за дискриминацијата на 15 милиони припадници на оваа група
Од нашиот дописник Тони Гламчевски
Стразбур - Доста ! Овој збор, кој ја илустрираше кампањата на Советот на Европа за интеграција на Ромите, сигурно е зборот што најмногу одговара на она што сега се случува во многу европски земји, па и оние демократски „најнапреднатите“. Тоа е и желбата на претседателот на Европскиот форум на Ромите, Рутко Кавчински, кој од Стразбур, каде што се одржа конференцијата на високо ниво за подобрување на правата на Ромите, посака усвоениот документ наречен Деклараци��а од Стразбур за Ромите да го означи новиот почеток и на новата политика на Ромите во Европа.
Во Декларацијата едногласно се осудува дискриминацијата на која наголемо се изложени Ромите и нивната маргинализација од општествените и економските текови. Уште во нејзиниот почеток се нагласува дека „Ромите продолжуваат и понатаму да бидат социјално и економски маргинализирани во бројни региони на Европа, со што се става во прашање почитувањето на човековите права и се спречува нивното целосно учество во општеството и вршењето на граѓанските одговорности другите и ширењето на предрасудите“.
Оваа конференцијата, која беше организирана со заедничка иницијатива на претседавачот со Комитетот на министрите, македонскиот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, и генералниот секретар на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд, сигурно дека е едно од најважните постигнувања на македонското претседателство. Брзата реакција по настаните за кои нашироко се пишуваше и зборуваше во Европа, како и одамна програмираната конференција посветена на Ромите, која се одржа во Скопје, пред да се актуализира ова прашање, е потврда дека Македонија води добра политика во оваа насока, иако сите знаеме дека не можеме да бидеме задоволни од положбата на Ромите во Македонија. Сепак, тоа што се прави во Македонија е позитивен пример во Европа, тоа го истакнаа двајцата македонски министри на конференцијата, претседавачот Антонио Милошоски и Неждат Мустафа, кој е задолжен во Владата да ја спроведува националната програма за Декадата на Ромите 2005-2010. Министерот Неждат Мустафа и претставникот на Европскиот форум на Ромите, Рутко Кавчински, беа единствените претставници на ромската заедница во Европа кои зборуваа во името на Ромите на конференцијата на која имаше учесници од 47 земји-членки на СЕ.
Во Стразбур, на крајот е одлучено сите европски држави да се обединат во еден единствен напор за да дадат паневропски одговор на потребите на околу 10-15 милиони Роми колку што живеат во Европа.
Во Декларацијата од Стразбур за Ромите се потсетува на принципот на недискриминација, граѓанство, правото на жените и децата, социјалната инклузија, посебно во областа на образованието, станбената политика и здравствената заштита, осамостојувањето на ромското население во своите обраќања до институциите и подобар пристап кон правдата. |