Одбележана годишнината од депортирањето на македонските Евреи
Во спомен на изгубените животи, пред споменикот кај Монополот цвеќе положија претставници на Еврејската заедница на Македонија
Пред спомен-обележјето во кругот на некогашниот Монопол во Скопје вчера беше одбележана 66-годишнината од депортацијата на македонските Евреи во логорот Треблинка. Во спомен на изгубените животи на повеќе од 98 проценти од Евреите од Македонија, кои по напуштањето на Монополот никогаш не се вратиле, пред споменикот цвеќе положија претставници на Еврејската заедница на Македонија и на Фондот на холокаустот на Евреите.
Малкутемина кои успеале да ја избегнат судбината на македонските Евреи уште еднаш се потсетија на мартовското утро во 1943 година. Ги раскажаа своите приказни, како ги избегнале војниците кои само за една ноќ ги опустошиле еврејските маала во Скопје, Битола и во Штип.
„Поминаа 66 години од тој 11 март, кога започна истребувањето на над 7.200 македонски Евреи. Денеска сме тука за да се потсетиме на нивната трагедија“, истакна Бјанка Суботиќ, претседателка на Еврејската заедница.
По наредба на бугарската влада, ноќта меѓу 10 и 11 март 1943 година биле уапсени сите Евреи во Македонија и концентрирани во Монополот, денеска Тутунски комбинат. Откако им бил земен сиот имот, а накитот и парите конфискувани, биле натоварени во сточни вагони и транспортирани во логорот на смртта Треблинка, каде што веднаш биле егзекутирани.
На одбележувањето на годишнината, во Тутунскиот комбинат присуствуваа кандидатот за претседател од ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов, министерот за финансии, Трајко Славески, претставниците од СДСМ Игор Ивановски и Славица Гркова-Лошкова, градоначалникот на Скопје, Трифун Костовски, како и амбасадорите на Израел, Полска, Франција, Германија, Австрија и претставници на повеќе здруженија на граѓа��и. (С.Н.) |