07.03.2012, 18:49 И на Иванов му се виновни други
Шефот на државата деновиве ги искара и НАТО и Грците, но не понуди план и намера за надминување на блокадите кон Брисел
Светлана Унковска
Претседателот на државата Ѓорге Иванов не ја изненади јавноста со одговорите за спорот со Грција и членството на Македонија во НАТО и ЕУ, во неодамнешното интервју за австрискиот „Ди Пресе“. Наместо суштински одговор околу стратегијата на земјава за продолжување на блокираните преговори за името и за надминување на дводеценискиот спор, шефот на државава, вообичаено, го впери прстот во Грција, која, како што рече, намерно го одолговлекува решавањето на прашањето за името. Уште и дополни дека тврдата грчка политика го јакне домашниот патриотизам.
И покрај тоа што слушаме секојдневно слични пораки од домашните политичари, ваквата изјава не влева оптимизам дека политичките лидери размислуваат за преземање поконкретни чекори за излез од ќор-сокакот.
Експертската јавност оценува дека префрлањето на вината на другата страна не придонесува кон решавање на спорот и дека таквите изјави повеќе се за домашна употреба. Универзитетскиот професор и поранешен шеф на дипломатијата, Денко Малески, во интервју за нашиот весник, посочува дека ако не се разбере меѓународната политика и се формулираат погрешни политики, тогаш ќе се доведеме во ситуација од која не може да одиме ниту напред ниту назад.
„Една софистицирана дебата во меѓународната политика секогаш се концентрира на тоа што сака да каже другата страна, оти се претпоставува дека секој знае што сака неговата страна. Ние таков дијалог со Грција не сме почнале, како дијалог на две политики“, укажува Малески.
Во таков контекст на меѓусебни обвинувања, во кои и двете страни се закопани на сопствени позиции, посочува тој, останува атмосфера на две тврди националистички позиции.
И според универзитетскиор професор и амбасадор Нано Ружин, едно е тоа што ние сметаме дека ни се прави неправда со тврдите грчки политики, а друго е тоа што, со самиот факт што се водат преговори, се бара компромис.
„Практично нашата страна како да не е подготвена на компромис, бидејќи тоа го смета за нарушување на националниот идентитет. Тука мислам дека ни е потребен една широка дебата. Кога нема идеи нормално е дека ќе има вакви изјави“, вели Ружин.
Иванов, во сличен манир, пред претстојниот самит на НАТО во Чикаго, деновиве испраќа порака дека алијансата треба да ја почитува пресудата од Хаг, за да биде исправена грешката од Букурешт. По добивањето на хашката пресуда, сите меѓународни авторитети укажуваа дека Македонија ќе добие покана за членство кога ќе го реши проблемот со Грција, бидејќи во алијансата важи принципот на консензус, така што е нејасно кого убедува шефот на држава .
Малески вели дека тоа е така затоа што политичарите кои ја водат државата знаат дека од нив се бара да се откажат од својата националистичка идеологија, која е во судир со грчкиот национализам, што, пак, за нив значи политичко самоубиство. Ружин, пак, смета дека првиот човек на државата со вакви изјави само се прикажува во лошо светло.
„Неговата изјава повеќе наликува на порака од невладина организација. Тоа воопшто не е дипломатска, ниту политичка порака. Тоа е само пукање во празно и повеќе служи за внатрешна употреба. Но, од друга страна, тој и неговите советници покажуваат големи непознавања на принципите на алијансата. Кога веќе има такво непознавање, треба да се обратат и да побараат помош и совет, бидејќи евроатланските интеграции не се партиска ориентација, туку се наша заедничка цел и ориентација на граѓаните“, вели Ружин. |