Дозволено кремирање во Грција и покрај отпорот на црквата
Атина - Врховниот суд на Грција го одобри владиниот предлог за легализација на кремирањето отфрлувајќи ги со тоа забелешките на Православната црква дека тоа може да наштети на воскреснувањето на починатите. Грчкиот суд ја донесе таа одлука и отвори пат на општинските власти за почеток на изградба на крематориуми.
Во одлуката на Судот се прецизира дека пепелта од покојникот не може да се исфрла во градски зони додека на дното на морето тоа е дозволено, но на минимална оддалеченост од 1,5 милји од брегот.
Како што јавија западни медиуми, Врховниот суд на Грција предвидел лекар да даде потврда во која ќе се наведе дека не е потребно за понатамошно испитување на телото за да се пристапи кон кремирање.
Грчката Православна црква одлучно се спротиставува на кремирањето тврдејќи дека телата кои ги создал Бог не треба да бидат спалени, бидејќи тоа ќе го спречи нивното воскреснување на судниот ден. (МИА) |