17.07.2012, 18:54 Неготинец ја уби мајка си и ја фрли во контејнер
Капките од крв во четирикатната зграда во центарот на Неготино вчера сведочеа за грозоморното убиство
НЕГОТИНО - Капки од крв во четирикатната зграда на улицата „Маршал Тито“ во центарот на Неготино и вчера сведочеа за грозоморното убиство што го потресе градот. Дваесет и тригодишно момче ја закла мајка си, а потоа се обиде нејзиното тело да го фрли во контејнерите зад зградата. Во тие моменти бил забележан од комуналните работници. Набргу бил уапсен. Во полиција признал што направил. Причините за убиството не се познати, но соседите сведочат за честите кавги меѓу синот и мајката, кои живееле сами, откако нивниот татко и сопруг починал пред неколку години.
Неготино вчера беше во шок по злосторството какво што не се памети изминатите години. Според податоците од полицијата, 23-годишниот Димитар ја уби 57-годишната мајка Нада Спасова. Неофицијално, жената имала десетина убоди од нож по вратот, стомакот и градите. Околу 3,40 часот, комуналните работници забележале момче како фрла во контејнер женско тело облеано во крв. Момчето било приведено во полиција и, наводно, признало што направило. Неофицијално се дознава дека убиството било извршено со сабјарка.
Семејниот дом на Спасови се наоѓа во строгиот центар на градот, веднаш спроти плоштадот. Димитар бил студент на Факултетот за физичка култура во Скопје, кикбоксер, кој се подготвувал за настап во Холандија. Мајка му била хигиеничарка во здравствен дом. Татко му бил стоматолог, но починал пред неколку години.
Соседите вчера не можеа да поверуваат во тоа што се случило. Велат дека за убиството дознале откако слушнале гласови длабоко во ноќта кога работниците го фатиле момчето на дело.
„Се караа често, ама сите ние се караме по дома. Не знаевме дека до толку стигнала работата. Најчесто се караа за пари, живееја сиромашно, а тој постојано и' префрлаше за начинот на живот“, тврдат соседите. Тие не можат да сфатат како никој ниту чул ниту видел кога момчето го симнало телото на својата мајка од четвртиот кат на зградата, и како успеало незабележано да го однесе до контејнерите на улицата. Дел од нив не сакаа да фрлат ѓубре во контејнерот каде што требало да бидат скриени коските на несреќната жена.
Блиски на семејството објаснуваат дека Димитар во понеделникот вечерта излегол во чаршијата да се види со другарите. Бил добро расположен, им најавил дека заминува во Холандија. Тие што го познавале, за Димитар зборуваат како за многу културно и воспитано момче, кое било добро со сите. Не можат ни да претпостават што се случувало во неговата глава. (Г.А.-А.Д.)
Ја заклав и ја задушив
Дополнителен немир вчера создадоа информациите дека Димитар откако ја убил мајка си, уште завчеравечер на „Фејсбук“ напишал дека „работата е завршена“. Завчера по 22 часот на своите пријатели им соопштил што направил. Тој на профилот пишува дека се надева дека татко му ќе и' суди на мајка му што не доаѓала на неговиот гроб.
„Фала ви на сите, г…а, еве ви ја, ја заклав, ја загушив... Можам да кажам дека мисијата е завршена и значи огледалото ми било најголемиот шпион камера???“, се дел од пораките кои тој ги оставил на социјалната мрежа „Фејсбук“. |