31.01.2013, 08:59 Тинејџерот Варан ги спаси „кралевите“
Реал Мадрид и Барселона одиграа нерешено (1:1) на првиот полуфинален меч од Копа Дел Реј
Првата средба меѓу Реал Мадрид и Барселона од Купот на Шпанија заврши без победник (1:1). Двете екипи постигнаа по еден гол, па се ќе се решава на реваншот на 27 февруари на „Ноу Камп“. Каталонците и Мадриѓаните одиграа феноменален меч и направија една увертира за она што ќе не очекува на втората средба. Иако целата јавност очекуваше новата епизода од „Ел Класико“ да мине во знакот на Лионел Меси и Кристијано Роналдо, сепак на крајот и двајцата фудбалери останаа во сенка бидејќи главната улога ја имаше тинејџерот на „кралевите“ Варан. Младиот Французин во првото полувреме го сочува голот на својот тим ја изби топката од гол линијата, а потоа пред крајот се погрижи реванш средбата да се почне од нула.
Стартот на средбата најави интересен фудбал и возбудувања во текот на сите 90 минути. Домаќинот ги доби првите неколку минути откако успеа да упати неколку топки кон голот на одличниот Пинто. Уште во првата минута падна првиот жолт за Пике кој иако не беше остар во стартот над Роналдо беше санкциониран. Слободниот удар заврши со одбрана на Пинто, а потоа имаше и уште неколку акции во кои гостинскиот голман го спасуваше својот состав.
Првата вистинска шанса за Барса дојде во 21. минута преку Чави кој биеше од слободен удар. Тоа беше момент во кој гостите можеа да победа, а пречката беше сојузник на новиот голман на Реал Мадрид, Диего Лопез.
После ова имаше уште неколку можности на двете страни, но не беше ништо посериозно така што остана резултатот уште од стартот, а првото полувреме заврши со 0:0.
Само што почна второто полувреме се виде далеку поинаква игра од страна на фудбалерите на Барселона. Тргнаа порешително и тоа им донесе шанси за гол. При една таква акција, Меси пресече топка и набрзина го проигра Фабрегас во празно, кој остана „еден на еден“ со Лопез и без проблеми го совлада. Тоа беше водство за гостите од 1:0 и најава за возбудувања во продолжението.
Истиот играч можеше да зголеми на 2:0 само неколку минути подоцна, но беше спречен од одбраната на Реал, додека Кристијано Роналдо имаше можност да израмни, но Пике имаше интервенција со која го спаси Пинто од капитулација.
„Им допуштиме да се извлечат. Бевме подобри, доминиравме и имавме голем број шанси, но не успеавме да ги реализираме, тоа и беше клучни. Во реванш дуелот не чека слична приказна, а ние ќе бидеме ефикасни“, истакна по средбата Чави.
Во 73. минута Педро имаше можност да реши с на оваа средба, а веројатно и на двомечот. Имаше зицер ситуација, но откако излезе пред Лопез биеше покрај голот така што остана 0:1.
„Дома се враќаме со горчлив вкус. Доминиравме во текот на целиот натпревар, правевме шанси, но не успеавме да постигнеме втор гол. Но, на крајот сепак мора да бидеме задоволни со резултатот бидејќи на Барнабеу никогаш не е лесно“, изјави по мечот Андрес Иниеста.
После неколку пропуштени шанси стигна казната во 81. минута. После одлично нафрлената топка во казнениот простор Варан беше највисок во скокот. Топката скокна пред Пинто кој иако беше на вистинско место имаше неверојатно лоша интервенција, па дозволи Реал Мадрид преку 19-годишниот тинејџер да израмни на 1:1 и да се врати во игра во мечот и во битката за финале.Тоа отвори и многу повеќе од играта на домашните кои тргнаа со далеку повеќе мотиви кон голот на Барселона. На крајот беше 1:1, па нема предност за никого на реваншот.
„Овој натпревар засекогаш ќе остане во моите сеќавања, мојот сон се исполни на 19 години. Среќен сум за мојата игра, како и за играта на целиот тим. Мора вака да продолжам“, изјави младиот Французин.
|