30.01.2013, 14:13 Червар на селекторско место - невозможна мисија
„Не верувам. Тоа е скоро невозможно. Во Скопје дојдов да бидам тренер на Металург. За тоа и сум платен“, изјави за хрватските медиуми стратегот на „металурзите“
Лино Червар на чело на македонската ракометна репрезентација засега е тешко остварлива цел. Првите луѓе на РФМ, најверојатно, ќе мора да бараат друго решение за селекторското место, кое остана празно по завршувањето на Светското првенство во Шпанија, односно по оставката на Звонко Шундовски.
Искусниот тренер на македонскиот шампион Металург за хрватските медиуми изјави дека преземањето на националниот ти�� е невозможна мисија.
„Не верувам. Тоа е скоро невозможно. Во Скопје дојдов да бидам тренер на Металург. За тоа и сум платен“, изјави Червар на кого претседателот на РМФ Михајло Михајловски му испрати понуда и побара за неа да добие одговор до почетокот на февруари за кога е закажан Управен одбор.
Дека по настапот на Македонија на СП, ситуацијата во ракометната репрезентација е крајно лоша и постојат проблеми за кои засега ниту еден ракометар не собра храброст отворено да зборува, потврди и Червар. Во моментов негова главна преокупација е како да ги живне оние ракометари што беа дел од репрезентацијата.
„Искрено во моментов размислувам како да ги извлечам од депресија играчите што играа за репрезентацијата на Македонија. И голманот Станиќ има проблем со грбот, а нам не' чека дуелот против Горење во Велење каде што словенската публика се' уште ќе биде под импресии од Светското првенство во Шпанија и освоеното четврто место“, заврши Червар.
И не беше тешко да се погоди дека еден искусен стратег како што Червар би се нафатил да биде селектор на ракометната репрезентација на Македонија во моменти кога внатрешно врие од проблеми. Сепак дали можеби ќе се премисли тренерот на Металург останува да почекаме до крајниот рок што му го даде РФМ. (М.К.)
|