31.01.2013, 12:15 Дербито на „Емирати“ без победник, Јунајтед сигурен
Ливерпул не успеа да го задржи водството од 2:0, му дозволи на Арсенал да израмни на 2:2
Арсенал и Ливерпул одиграа без победник 2:2, во дербито кое го одбележа 24. коло на англиската Премиерлига. Нерешениот резултат не им одговараше на ниту една од екипите, бидејќи и едниот и другиот тим се во борба за четвртото место на табелата, кое е последно што води во квалификациите за лигата на шампионите за следната сезона.
Ливерпул кој пред неколку дена изненадувачки беше елиминиран од ФА Купот од третолигашот Олдам, одлично го започнаа мечот и преку Суарез во петата минута стигнаа до предност, која ја сочуваа до крајот на првиот дел. По 15 минути во второто полувреме, односно по точно еден час игра гостите ја удвоија предноста благодарение на погодокот на Хендерсон. Предноста која 60 минути трпеливо ја градеше Ливерпул ја испушти за само две минути. Најпрво Жиру погоди во 65 минута за радост на домашните фанови, а само 120 секунди подоцна Волкот го анулираше водството на Ливерпул. Гостите во последната минута од мечот имаа шанса сепак да ги освојат трите бода, но Суарез пропушти шанса за триумф.
Ремито во Лондон, го искористи Евертон кој на свој терен со 2:1 славеше против ВБА во чии редови цел меч одигра македонскиот репрезентативец Горан Попов.
Тотенхем кој моментно е на посакуваната четврта позиција се спаси од пораз на гости кај Норвич и одигра нерешено 1:1 со што ја задржа предноста во однос на Арсенал и Ливерпул.
Лидерот на табелата, Манчестер Јунајтед очекувано ги освои трите бода на „Олд Трафорд“ против Саутемптон победувајќи со 2:1. Со овој триумф тимот на Сер Алекс Фергусон сега има седум бода пред градскито ривал Сити кој во ова коло одигра само 0:0 против КПР. Победата на Манчестер ја донесе Вејн Руни кој ги постигна двата гола. Челзи прокоцна предност од 2:0 на гостувањето кај претпоследнопласираниот Ридинг и на крајот мораше да се задоволи со само еден освоен бод. Фаворитот преку Мата стигна до предност, а искусниот Лампард потврди дека бодовите ќе заминат за Лондон. Домаќините сепак не се предадоа, а нивни херој беше Ле Фондре кој постигна два гола во последните неколку минути за голема радост на домашниот тим.
Резултати: Астон Вила - Њукасл 1:2, КПР - Манчестер сити 0:0, Сандерленд - Свонси 0:0, Стоук - Виган 2:2, Евертон - ВБА 2:1, Арсенал - Ливерпул 2:2, Норвич - Тотенхем 1:1, Фулам - Вест Хем 3:1, Манчестер јунајтед - Саутемптон 2:1, Ридинг - Челзи 2:2.
Табела: Манчестер Ј. 59, Манчестер С. 52, Челзи 46, Тотенхем 42, Евертон 41, Арсенал 38, Ливерпул 35...
|