29.01.2013, 20:50 Платини негира дека примил поткуп да гласа за Катар
„Гласав за Катар самоволно и со здрав разум, со намера на таа земја да и’ овозможам да организира еден голем спортски настан“, истакна Претседателот на Европската фудбалска унија
Претседателот на Европската фудбалска унија, Мишел Платини, ги отфрли наводите дека е вмешан во купопродажба на гласови со кои Катар ја доби организацијата на Мундијалот во 2022 година.
Влијателниот магазин „Франс фудбал“, на 20 страници ја објави аферата која ја нарече Катаргејт, во која се наведува дека Платини примил поткуп за својот глас да му го даде на Катар.
„Мојот избор својот глас да му го дадам на Катар, во замена за некој договор меѓу таа земја и Франција се чиста шпекулација. Гласав за Катар самоволно и со здрав разум, со намера на таа земја да и’ овозможам да организира еден голем спортски настан“, истакнал Платини.
„Франс фудбал“ објави дека на вечера кај тогашниот претседател на Франција, Николас Саркози, на која присуствувале премиерот на Катар и Платини, било договарано Катар да ја добие организацијата на Светското првенство во фудбал.
„Во текот на вечерата Саркози ниту еднаш од мене не побара да гласам за Катар“, тврди првиот човек на УЕФА, кој не ја исклучи можноста да ги тужи сите оние кои во сомнеж го довеле неговиот интегритет.
Катар организацијата ја доби во конкуренција на САД, Австралија, Јужна Кореја и Јапонија.
|